Делчевката Мира на 74 години ги освојува највисоките врвови во светот: Се качи на „покривот“ на Африка, сега има желба да го искачи Мон Блан

Точка

01/04/2024

11:50

1.957

Големина на фонт

а а а

Подвигот на делчевската легенда на планинарството, Мира Симоновски, ја воодушеви јавноста. Делчевката на почетокот на март, на свои 74 години, го искачи врвот Ухуру висок 5895 метри на Килиманџаро.

„МИА“ го следеше нејзиниот подвиг во моментот кога го искачи Килиманџаро, а викендов Симоновски повторно сподели уште неколку детали и откри дека имала огромна желба да се искачи на „покривот“ на Африка.


„Ми беше силна желба да го искачам Килиманџаро, требаше тоа да го сторам пред неколку години со планинарско друштво КПС Азот од Велес, меѓутоа тогаш немав средства. Сега имав и уплатив 3000 евра и 600 американски долари и ми се оствари желбата да отидам со нивната експедиција“, раскажува Симоновски.

Патешествието од Делчево до Африка, вклучително и искачувањето на Килиманџаро, како што додава, траело вкупно 12 дена.


„Најтешкиот дел беше секако искачувањето, се искачивме на 3 март 2024, а тргнавме претходната вечер во 11 часот, значи искачувањето траеше околу 10 часот. Обично трае 9 часа, но младите го искачија врвот Ухуру за 9 часа, а ние околу 10 часа, секако и јас како најстара. Целиот терен е лош на искачување ноќно време со лампи на главата, морате се пред вас да гледате, но со водичите, добро е. После на 4 километри од самиот врв беше подруго, се чувствуваш како на седмо небо, гледаш се одозгора“, додава делчевската планинарка.


Но, Симоновски не запира тука - веднаш по овој подвиг има желба да го искачи Мон Блан, а добила повик за учество во експедицијата за освојување на Аконкагва во Јужна Америка.


„Прв предизвик по освојувањето на Килиманџаро ми беше Олимп, но немав друштво и Мон Блан него го планирам. Вчера добив повик за Перу, ама требаат средства, една таква експедиција би чинела околу 3000 евра сигурно“, прецизира планинарката од Делчево.

Симоновски претходно на 70 години го има освоено и 5375 метри високиот Арарат, а меѓу позначајните врвови кои ги има освоено е врвот Триглав на Јулијските Алпи, пренесува „Бриф“.

Мотивирани од иницијативата „Да направиме место за вистински да се поврземе“ на Македонски Телеком, во рубриката „Добри вести“ на Точка ќе споделуваме приказни кои го осветлуваат позитивното, надежното и инспиративното. Да #НаправимеМесто за посветло утре, за повеќе разбирање, емпатија и блискост.