[ФОТО] Одличен маркетиншки потег: Хотел во Сингапур ќе ви ги врати парите доколку врне дожд за време на вашиот одмор

Точка

25/03/2024

20:28

16.129

Големина на фонт

а а а

Бидејќи во Сингапур врне во просек 171 ден годишно, еден хотел во градот Лав ризикува за да се погрижи дождот да не им го расипе одморот на гостите. Ова е ризичен, но маркетиншки оправдан потег.

Во луксузниот хотел „Интерконтинентал“ во Сингапур, на гостите им се нуди единствена можност: враќање на средствата за една ноќ доколку дождот ги расипе планираните активности за време на нивниот престој. Како дел од специјалниот пакет наречен „Rain Resist Bliss“, хотелот го ветува овој гест на добра волја, но со специфични услови, пишува „Си-ен-ен“ (CNN).


Враќањето се врши само ако дождот трае повеќе од 120 минути непрекинато во кој било период од четири часа во текот на денот.

Сепак, понудата не е достапна за сите типови соби. За да се квалификуваат, гостите мора да престојуваат во поскапите апартмани, со цени кои се движат од околу 600 евра за јуниор апартман до околу 3.000 евра за претседателски апартман. Наместо директно рефундирање, гостите добиваат ваучер еднаков на вредноста за една ноќ, кој може да го користат во истиот хотел во следните шест месеци.


Овој концепт не е нов – слични иницијативи се забележани и претходно. На пример, во 2019 година, островот Елба во Медитеранот понуди поврат на средства за дождливите денови на гостите на своите хотели. Исто така, француската осигурителна компанија Aon нуди „сончева гаранција“, ветувајќи враќање на парите доколку отсуствуваат ветените сончеви денови за време на одморот.


Оваа практика, особено во контекст на климатските промени, покренува прашања за иднината на осигурувањето поврзано со временските услови и како тоа може да влијае на туристичката индустрија. Како што светот се адаптира на новите климатски реалности, се очекува дека ваквите иновативни понуди ќе станат сè поприсутни во секторот за патување и угостителство.