Руските политичари и дипломати реагираа со закани на извештаите дека Романија ја гради најголемата воена база на НАТО во Европа – проект од 2,5 милијарди евра што Романија го започна во 2019 година и се очекува да трае 20 години.
Проширувањето на романската воздухопловна база 57 Михаил Когалничеану на брегот на Црното Море има цел да го консолидира источното крило на НАТО, коментираат руските претставници.

Во предвид треба да се земе фактот дека е долгорочен проект кој е започнат уште пред конфликтот меѓу Русија и Украина, и главната цел на оваа база е да служи за операции на Блискиот Исток.
Во серијата предупредувања од руските официјални претставници на 18 и 19 март, потпретседателот на Комитетот за надворешни работи на Советот на Руската Федерација, Андреј Климов, рече дека проектот претставува „закана од Букурешт“.

Според Климов, колку е поголема „антируската“ воена база и е „поблиску до руските граници, толку е поголема веројатноста таа да биде меѓу првите цели за одмазднички напади“.
„Ако тоа им се допаѓа на Романците, тоа е нивна работа. Но самоубиствениот клуб на НАТО ги вовлекува обичните цивили во авантури кој можат да завршат многу лошо за нивните семејства и деца. Не се обидувам никого да заплашам, само логично расудувам. Нема да има никаква корист за Романија од тоа само ќе биде поголема закана, тоа е факт“ рече Климов во дискусијата што ја пренесоа руските медиуми.

Продолжетокот на изградбата на најголемата база во Европа на НАТО во Констанца, Романија е продолжување на „ерозијата“ на безбедноста во регионот на Црното Море, изјави Константин Гаврилов, шеф на руската делегација на разговорите во Виена за воена безбедност и оружје контрола.
Во 2019 година, романската извршна власт одобри проект за проширување на воздушната база 57 Михаил Когалничеану, која се користи од американските сили од 1999 година.
Проектот е финансиран од државниот буџет на Романија во повеќе фази, првата фаза започна во 2022, и се очекува да заврши до 2030 година.
Од февруари 2022 година, базата ја покажа својата корисност: илјадници елитни војници, опремени со тенкови, хеликоптери и борбени авиони, пристигнаа таму и од таму се управуваат мисиите на воздушната полиција.

Предупредувањето на руските официјални лица за „непријателските дејствија“ на Романија беше поради приказната на Euronews објавена на 16 март и ажурирана на 18 март, со известувања за тековната работа во базата. Приказната создава впечаток дека проектот е нов и брзо ќе биде завршен.
„Изградбата е во полн ек, но кога ќе заврши, оваа база на Михаил Когалничеану ќе стане најголема во Европа. Ќе ја надмине таа на Рамштајн во Германија и ќе може да вдоми повеќе од 10.000 војници и нивните семејства“, се вели во приказната на Euronews.















