Пакистан е најзагаден, а само 7 земји во светот ги исполнуваат критериумите за квалитет на воздухот на СЗО

Точка

19/03/2024

22:03

19.264

Големина на фонт

а а а

Само 7 земји ги исполнуваат меѓународните стандарди кога станува збор за квалитетот на воздухот, а смртоносното загадување се влошува во некои области поради закрепнувањето на економската активност и токсичното влијание на чадот од големите шумски пожари, покажува новиот извештај на „IQAir“, швајцарска организација за мерење на квалитетот на воздухот која ги добива податоците од повеќе од 30.000 станици ширум светот.

Од 134 земји и региони опфатени во извештајот, само 7 - Австралија, Естонија, Финска, карипската Гренада, Исланд, Маврициус и Нов Зеланд - ги исполнуваат ограничувањата за ситни честички што се емитуваат во воздухот од автомобили, камиони и индустриски процеси, поставени во упатствата на Светската здравствена организација (СЗО).

Повеќето земји не го исполнуваат овој стандард кога станува збор за PM 2,5, фини лебдечки честички со дијаметар помал од 2,5 микрометри, што е единица за должина еднаква на илјадити дел од милиметарот.


Овие честички се помали од ширината на човечко влакно, а кога се вдишуваат може да предизвикаат бројни здравствени проблеми кои на крајот резултираат со смрт кај поединци, се вели во извештајот на „IQAir“, пишува „Guardian“.

Иако воздухот во светот е генерално многу почист отколку што беше во поголемиот дел од минатиот век, сè уште има области каде што нивото на загадување е особено опасно. Во најзагадената земја, Пакистан, нивоата на PM 2,5 се повеќе од 14 пати повисоки од стандардите на Светската здравствена организација, додека Индија, Таџикистан и Буркина Фасо се следните најзагадени земји во светот.

Но, дури и во богатите земји кои брзо се развиваат е загрозен претходно постигнатиот напредок во намалувањето на загадувањето на воздухот.

Долго време се сметаше дека воздухот во Канада е еден од најчистите во западниот свет, но минатата година земјата беше рангирана меѓу најлошите поради последиците од огромните шумски пожари кои ја опустошија земјата.


Во меѓувреме, подобрување на квалитетот на воздухот беше забележано во Кина минатата година, но овие податоци се променети поради закрепнувањето на економската активност по пандемијата на коронавирус. Извештајот констатира зголемување на нивото на PM 2,5 од 6,5 проценти.

Се проценува дека загадувањето на воздухот убива околу 7 милиони луѓе во светот секоја година, повеќе од СИДА и маларија заедно. Ова најмногу го чувствуваат земјите во развој кои се потпираат на особено нечисти горива за греење, осветлување и готвење во затворени простории.

Најзагадено урбано подрачје во светот минатата година беше индискиот Бегусараи, покажува шестиот годишен извештај на „IQAir“. Индија е дом на четири од најзагадените градови во светот. Но, во исто време, повеќето земји во развој, особено оние во Африка, немаат сигурни мерења за квалитетот на воздухот.