Лигата на шампионите каква што ја познаваме заминува во историјата! Од наредната сезона најелитното клупско натпреварување на планетата ќе се игра во сосема нов формат.
УЕФА на својот официјален профил на социјалната мрежа „X“ објавила видео во кое детално објаснува како во 2024/2025 ќе изгледа ова натпреварување.
Прв пат во историјата Лигата на шампиони ќе се игра во лигашки систем, а наместо 32 ќе има 36 учесници, што е дефинитивно и најголемата промена.
Се укинуваат групите и во иднина ќе имаме една заедничка табела. Секој ќе ги одмери силите со осум ривали – со секој по еднаш. Значи, четири натпревари дома, четири натпревари на гости. Со жрепка ќе биде одредено кој со кого ќе игра. Во првиот шешир ќе бидат сместени шампионите на најсилните лиги од претходната сезона, а наредните три ќе бидат одредени на основа на УЕФА коефициентите. Секој клуб ќе игра против два клуба од секој шешир.
An exciting new era for European club football awaits 🤩
— UEFA Champions League (@ChampionsLeague) March 4, 2024
Here’s how the #UCL will look from 2024/25 👇 pic.twitter.com/mEffFOpX2O
Првата фаза ќе се игра до крајот на јануари, а минување во нокаут фаза директно ќе обезбедат осумте најдобро пласирани екипи. Што се однесува до преостанатите осум места во осмина финалето, ќе ги дознаеме во двомечевите кои ќе ги играат тимовите рангирани од деветтото до 24-то место.
Сите клубови под 25-то место ќе бидат елиминирани, без продолжување во Лига Европа, како што беше случај досега.
Во нокаут фазата ќе биде како и досега. Во осминафиналето, четвртфиналето и полуфиналето се играат по два натпревари и една во финалето.
Во новата Лига на шампиони секој натпревар, секој гол и секој освоен бод ќе биде важен.