Ковачевски од Рим: СДСМ ќе победи на изборите, а до 2030 година Северна Македонија ќе биде членка на ЕУ

Макфакс

02/03/2024

18:09

1.462

Големина на фонт

а а а

Претседателот на СДСМ Димитар Ковачевски денеска во Рим учествуваше и говореше на работната сесија „Решенија за подобар квалитет на живот” што се одржува во рамки на Изборниот конгрес на ПЕС 2024.

Во своето излагање, Ковачевски зборуваше за политиките на СДСМ, со коишто, како што рече, Северна Македонија после долги години се врати на европскиот пат и обезбеди социјална правда, еднакво и достоинствено општество, како и подобар животен стандард за сите граѓани.

„Кога социјалдемократите се на власт, споровите се решаваат, а земјата оди напред. Ние, социјалдемократите, го решивме спорот со Грција. Ние, социјалдемократите, ја придвиживме земјата во полноправно членство во НАТО. Ние социјалдемократите ги започнавме пристапните преговори со ЕУ по 17 години чекање” истакна Ковачевски.

Владата на СДСМ, додаде, успеа тројно да ја зголеми минималната плата, да ја удвои просечната плата, да ги зголеми пензиите за 50%, да ја намали невработеноста за 50 отсто.

„Ги зголемивме странските директни инвестиции за 100%, ја намаливме невработеноста кај младите за 50% и ја зголемивме социјалната помош за 300%. Ја вративме демократијата и ја вративме слободата на медиумите“, потенцираше Ковачевски.

Тој се осврна и на претстојните избори за кои рече дека ќе бидат тест за правецот на државата, но и за ЕУ.

„Ние ќе победиме! Ќе победиме на претседателските избори и ќе победиме на парламентарните избори, а Северна Македонија, до 2030 година ќе биде европска Македонија!“, истакна Ковачевски

„Со СДСМ иднината е предвидлива, стабилна, демократска, со СДСМ иднината е европска за Северна Македонија, тоа е земја која оди напред. Треба да покажеме дека солидарноста, решавањето спорови, поддршката на демократските реформи, правењето економски реформи се исплати и сигурен сум дека со прогресивците во ЕУ, заедно со прогресивците на Балканот и со прогресивците во Северна Македонија заедно ќе понудиме надеж, ќе понудиме напорна работа, ќе понудиме напредок и ќе понудиме солидарност, и ќе победиме“, посочи претседателот на СДСМ, Димитар Ковачевски во излагањето.



Спонзорирани линкови

Маркетинг