Веќе не е новост дека патувањето со воз е растечки тренд во Европа и светот. Бројот на атрактивни линии се зголемува во последниве години и сè повеќе луѓе избираат бавно и удобно патување пред бурниот и хаотичен авионски превоз.
Во корист на возовите се строгите и здодевни безбедносни проверки на аеродромите, како и ограничувањата за багажот. Посебно популарни се ноќните железнички линии, кои комбинираат патување со ноќевање, со што се намалуваат трошоците за сместување на дестинацијата. Најновата линија која стартува на крајот на март ќе минува низ дури 7 атрактивни европски градови. Се нарекува „Good Night Train“ и ќе ги поврзува Брисел и Прага со уште 5 прекрасни европски градови.
Ноќно возење низ Белгија, Холандија, Германија и Чешка
Новата рута минува низ 4 земји, тоа се Белгија, Холандија, Германија и Чешка. Патниците можат да ја искористат за ноќно патување од Брисел до Прага, или можат да се симнат некаде долж рутата и да истражат некои од градовите низ кои поминува. Значи, тргнува од главниот град на Белгија, поминува низ белгискиот Антверпен, потоа пристигнува во Ротердам, па и во Амстердам во Холандија.
Патувањето продолжува кон Германија, каде застанува во Дрезден и Берлин. Од германската престолнина возот оди директно до главниот град на Чешка, каде што го завршува своето патување. Линијата започнува со работа на 25-ти март, а со неа управува белгиско-холандската компанија „European Sleeper“.
Возот од крајот на март ќе сообраќа 3 пати неделно
Како што пишува „Euronews“, „возот за добра ноќ“ всушност ќе биде хотел на шини, кој ќе нуди различни нивоа на удобност за низа различни цени. Ќе сообраќа секој понеделник, среда и петок. Возот ќе тргнува од Брисел во 19:22 часот, а во Прага ќе пристигнува во 10:56 следниот ден. На враќање, возовите ќе тргнуваат од Прага во 18:14 часот и ќе пристигнуваат во Брисел во 09:27 следното утро. Повратната линија ќе сообраќа секоја недела, вторник и четврток.
Заспивањето во главниот град на Белгија и будењето во 900 километри оддалечената Прага ќе биде атрактивна опција за многу љубители на возови. Но, се очекува да ја користат и оние кои сакаат да посетат некој од градовите на рутата.
Билет во еден правец по цена од 58 до 177 евра
„Euronews“ пишува дека основните седишта се продаваат по цена од 58 евра во еден правец. Тие се препорачуваат за пократки релации, но не и за подолги патувања. Друга опција се „кужет“ кабините со седишта кои се претвораат во кревети за 4 или 6 лица. За нив билет во еден правец чини 78 евра.
Најудобни, но и најскапи се кабините за спиење. Секоја кабина има најмногу 3 кревети, наменети за помали групи или семејства. Цената за оваа опција е 177 евра за еден правец, но вклучува и дополнителни поволности. Тоа се одвоен простор за седење, појадок и услуга за будење. Добро е да се знае дека во сите три варијанти има и делови наменети само за жени, погодни за оние кои патуваат сами.