[ФОТО/ВИДЕО] На модната писта се врати првпат по 2019 година, луѓето шокирани: „Дали таа навистина има 72 години?!“

Точка

16/09/2026

20:10

347

Големина на фонт

а а а

Славната манекенка Кристи Бринкли (72) се врати на модната писта првпат по седум години, во рамките на Њујоршката модна недела. Ѕвездата од 80-тите години воодушеви носејќи креација на дизајнерот Денис Басо, од новата колекција за пролет 2027 година.

Бринкли на ревијата блесна во долг фустан со спуштени раменици, украсен со сребрена монистра во горниот дел и на колковите. Фустанот имал и заводлив шлиц кој достигнувал до бутот на манекенката, како и набори на половината и долга опашка.

Русата коса на манекенката изгледаше бујно, обликувана во гламурозни и раскошни бранови. Елегантниот изглед го заокружија златните обетки, високите потпетици и едноставната, но впечатлива шминка со црвен кармин.


Бринкли сподели моменти од ревијата на социјалните мрежи, вклучувајќи и видео на кое се гледа како чекори во креацијата опкружена со голем број луѓе. Сите во публиката останаа без зборови кога манекенката помина покрај нив, поздравувајќи ја со аплауз и широки насмевки. Покрај видеото, таа му се заблагодари на дизајнерот кој ја поканил да носи една од неговите нови креации.

„Сакам уште еднаш да му се заблагодарам на Денис Басо што ѝ укажа ваква чест на една жена од 72 и пол години – сè уште нè нема доволно во јавноста“, истакна Бринкли, а потоа ѝ се заблагодари и на својата шминкерка, која „споделува одлични совети за жените постари од 50 години“.

„Благодарам на прекрасната и срдечна публика за насмевките, смеата и ’давањето петки‘ – сето тоа придонесе овој ден да биде навистина посебен“, додаде славната манекенка и ѕвезда на „Sports Illustrated“ (Спортс илустрејтед).


Во објавата таа му се заблагодари и на Били Џоел, нејзиниот поранешен сопруг, кој во 1983 година ја објави песната „Uptown Girl“, со која Кристи чекорела на ревијата. Инаку, Бринкли се појавува и во спотот за споменатата песна.

Бринкли последен пат учествувала на модна ревија во 2019 година, кога таа и нејзината ќерка Сејлор Бринкли Кук чекореле на модната писта за Ели Тахари за време на Њујоршката модна недела.


Новиот ангажман на славната манекенка поттикна прашања за тоа како успева да го задржи младешкиот изглед и витката линија. На ова прашање Бринкли одговорила во август, кога за „Дејли мејл“ изјавила дека нејзината тајна е во градинарството.

„Моето вежбање е работата во градината. Вреќите со компост се тешки“, изјавила таа.

Манекенката додала дека ги носи вреќите нагоре-надолу низ ридестата градина, а освен што сади, исто така копа, кастри гранки и користи грибло.

„Се хранам со она што го одгледувам“, додала таа.


Бринкли неодамна проговорила и за стареењето и изјавила дека со годините станала послободна.

„Го правиш она што го сакаш, кога го сакаш. Мислам дека со годините доаѓа еден вид слобода која е навистина прекрасна. Повеќе не ти е важно што мисли некој за твојата облека. Знаеш што ти се допаѓа. Знаеш што не ти се допаѓа. И повеќе не чувствуваш дека мораш да го трпиш она што не го сакаш“,објаснила Бринкли.

Таа претходно признала и дека двапати ставала ботокс и била подложена на неколку ласерски третмани.