[ВИДЕО] Што е „црниот мраз“ кој предизвика верижен судир на 100 автомобили

Точка

24/02/2024

09:04

4.220

Големина на фонт

а а а

Во зимските денови, дури и кога нема снег, со студот од раните утрински и ноќни часови, ова е една од скриените опасности на патот.

Неколку лица се повредени во Кина, во верижен судар во кој учествувале повеќе од 100 автомобили, јавија вчера кинеските државни медиуми. Како што е наведено, причината за верижниот судир што се случи на автопатот во кинескиот град Сужоу, во провинцијата Џиангсу на истокот од земјата, е мразот, или таканаречениот црн мраз.

Оваа појава, едвај видлива со голо око, може да предизвика сообраќајна несреќа поради губење контрола над возилото. Црниот мраз, се разбира, не е црн по боја, туку тенок проѕирен слој од замрзната вода што се формира на површината на патот. Се појавува не само на коловозот, туку и на тротоарите, па претставува опасност и за пешаците.

Понекогаш е тешко да се види, бидејќи на окото лесно е да му се „поверува“ дека асфалтот е во добра состојба, создавајќи лажно чувство на сигурност кај возачот.

Црниот мраз обично се формира кога температурите паѓаат под нулата, во зори или самрак, време од денот кога температурата најмногу се менува. Патишта со дрвја што покриваат дел од коловозот, делници со малку сообраќај, влезови и излези од тунели и мостови (како во оваа несреќа од Кина) се најчестите места каде што се формира црн мраз.

Затоа, бидете посебно внимателни кога возите во зима и одржувајте растојание бидејќи тоа ќе ви ја зголеми способноста да реагирате и да ги исправите сите грешки.

Кинеската државна телевизија "CCTV" прикажа драматична снимка од несреќата со верижна реакција, со парчиња скршено стакло расфрлани насекаде околу возилото.

Иако сцената од видеото изгледа застрашувачки, може да се смета дека патниците во возилата донекаде имале среќа бидејќи немало загинати.

Во верижниот судир три лица се хоспитализирани поради повреди, а шест лица се здобиле со полесни гребаници, извести сообраќајната полиција, пренесува Ројтерс.




Спонзорирани линкови

Маркетинг