Несекојдневни сцени беа забележани изминативе денови кај еден од најпознатите водопади во Кина.
Наместо водата да паѓа по карпата, изгледаше како да се враќа назад и да се „издигнува кон небото“, создавајќи редок природен феномен познат како „обратен водопад“.
Необичната појава е снимена во саботата во Венџоу, град во источната кинеска провинција Џеџијанг, каде што исклучително силните налети на ветер, предизвикани од минувањето на тајфунот Бави, го создадоа овој несекојдневен ефект.
Во одредени моменти, познатиот водопад Далонгќу, висок 197 метри, изгледаше како да тече во спротивна насока, односно кон врвот на карпата и кон небото.
Како што беше соопштено, причината за овој феномен е тајфунот Бави, деветтиот тајфун што ја погоди Кина од почетокот на годината.
Бурата во саботата доцна вечерта двапати го зафати крајбрежјето на провинцијата Џеџијанг, при што брзината на ветерот во центарот на тајфунот достигнувала 144 километри на час.
Снимките од „обратниот водопад“ брзо се проширија на социјалните мрежи, а многумина го опишаа овој призор како еден од најневообичаените природни феномени што некогаш ги виделе.






