Новиот ко-сопственик на Јунајтед: Дајте ми три години и ќе собориме Сити и Ливерпул

Точка

23/02/2024

17:31

3.390

Големина на фонт

а а а

Вториот најбогат Британец Сер Џим Ретклиф им пратил посебна порака на „граѓаните“ и „редсите“.

Еден од најбогатите Британци и нов ко-сопственик на Манчестер Јунајтед Сер Џим Ретклиф, ветил дека гигантот од Олд Трафорд ќе се врати на некогашната слава, повторувајќи ги зборовите на сер Алекс Фергусон од крајот на 80-тите години од минатиот век, воедно и проширувајќи ја листата на најголеми ривали: „Можеме да научиме многу работи од Ливерпул и Сити, за три години ќе ги собориме од врвот“.

Ретклиф пред два дена го заклучи купувањето на 27,7 проценти од акциите на клубот, преземајќи ја контролата над фудбалските операции на Манчестер Јунајтед, која ја пренел на својата петрохемиска компанија „INEOS“, се со желба да го обнови некогашниот гламур на Јунајтед.


Сити и Ливерпул се доминантни сили во англискиот фудбал изминатата деценија, додека славата на Манчестер Јунајтед избледи откако од тренерската позиција во 2013-та година се повлече легендарниот Сер Алекс Фергусон.

Ливерпул моментално е лидер во Премиер лигата и би можел на крајот од сезоната да се изедначи со Јунајтед по бројот на титули, односно 20. Сити, од друга страна, освои дури пет титули во минатите шест сезони, а оваа година има за цел да стане првата англиска екипа со четири трофеи по ред.

Фергусон во една ситуација го опишал Сити како „гласен сосед“, во раните денови под сопственост на фондот од Абу Даби, кој ја смени ДНК на клубот.


Уште многу порано, кон крајот на 80-тите, рекол дека неговата задача е да го собори Ливерпул од врвот, преземајќи го Јунајтед во екот на доминацијата на клубот од градот на Битлси. Двете изјави на Фергусон ги повтори Ретклиф, инаку голем навивач на Јунајтед.

„Можеме многу да научиме од нашиот „гласен сосед“, но и другиот сосед. Тие, на крајот од денот, се наши фудбалски непријатели и не сакам ништо повеќе од тоа да ги соборам од тронот“.


Ретклиф ветил изградба на нов стадион, некој вид на национална арена на северот на Англија, која би и служела и на репрезентацијата. Потерата по Сити и Ливерпул е негов приоритет, и си дал рок од три години.

„Тоа не е промена за преку ноќ. Ќе бидат потребни две или три сезони“, продолжил Ретклиф.

„Мора да ги замолам навивачите за малку трпение. Знам дека светот овие денови сака моментално задоволство, но тоа не е случај во фудбалот. Ова не е 10-годишен план, туку тригодишен“, заклучил Ретклиф.




Спонзорирани линкови

Маркетинг