Вчеравечер се одржа 27. издание на најпопуларното македонско шоу за награди во областа на популарната култура во Македонија – „Златна бубамара на популарноста“.
Под мотото „Кој чека ќе дочека, редно е да има ред“, организаторите на манифестацијата останаа доследни на својата критичка мисла за актуелните случувања во државата и на еден хумористичен начин ги претставија проблемите од нашето секојдневие.
И оваа година, ништо поразлично од претходната, преку сатира повторно се потсетивме дека и изминатата година најмногу сме се занимавале со политика, а сосема малку со убавите нешта што ја одбележаа 2023.
Публиката, дотерана во стилот на Оскарите, сместена во столчињата во полната арена „Борис Трајковски“ со нетрпение очекуваа да започне манифестацијата која го одбележува секој февруари во нашата земја речиси 3 децении.
Присутни беа актери, новинари, музичари, доајдени и оние помладите. Д-р Миодраг Врчаковски со сопругата Софија, Ванчо Димитров, Перо Антиќ, Марјана Станојковска, Иџе Стефановски, Мики и Светлана Црнокрак, Кире Лазаров, Кармен Костова, Снежана Георгиевска, Наум и Зуица, Горан и Ленче … беа само дел од нив.
Аудио најавата за „баце“ Ранко Петровиќ и годинава ја прочита доајенот на македонското спикерство, Благоја Крстевски. Тој го нарече Ранко „Пилот на авионот, капетан и прв врскаџија во Пасошко.“ Ранко во свој стил им се обрати на присутните, ја отвори годинешната Златна Буба Мара на популарноста и домаќински им посака убава забава и издржливост. Тој го нарече годинешното издание музичко-сатиричен лет. Забавен притвор. Заедничко фотографирање за пасоши и добра забава …
Манифестацијата ја отворија младите актери од телевизиската серија „Тин камп“, кои ја добија наградата за најдобра тинејџерска серија за 2023 година. Веднаш по нив, награда доби и екипата на „Петар Пан“, која доби статуетка за најдобра балетска претстава за деца.
Миланка Рашиќ ја имаше честа да го најави основачот на танцовото студио „Ритам плус“, Тодор Миладинов, и да му ја додели наградата за трајни вредности за афирмација на танцот. Публиката остана воодушевен од моментот кога Рашиќ и Миладинов заиграа на сцената.
На големо изненадување на присутните, на сцената се појави актерот Сашко Коцев, кој минатата година не беше дел од „Златна бубамара“. Во негов стил, тој се пошегува за проблемот со личните документи.
„И јас добив пасош. Не беше со врски, туку со античката метода: „Јас само да прашам“. И каква е таа брза постапка ако чекаш една недела за пасош? Брза постапка е да си дадеш 6.600 денари, а тие одма да ти го дадат пасошот. Како кога купуваш хамбургер, ти го даваат по брза постапка“ – рече Коцев.
Очекувано, целата сала експлодираше од воодушевување по појавувањето на неповторливиот Сашко Коцев. Тој имаше еден (ама вреден!) одличен блок хумор и сатира, во кој безброј пати ја изнасмеа публиката со својот вонсериски талент и хумор. Тој погоди повеќе пати точно во целта, не штедејќи никого, ни власт, ни опозиција, ни инфлуенсери, ни пензионери …
Коцев потоа му ја врачи наградата за трајни вредности на д-р Миодраг Врчаковски, кој во оваа прилика се присети на долгогодишната соработка со композиторот Кире Костов, кој почина во 2023 година.
На годинашното издание на „Златна бубамара“, на Кире Костов му беше доделена постхумната награда за животно дело. Во негова чест, Тамара Тодевска ја отпеа антологиската „Кога те нема“ на Хелена Благне, Андријана Јаневска ја отпеа „Тајно моја“ на Тоше Проески.
Пејачот Драган Мијалковски е годинашниот добитник на најважната награда на „Златна бубамара“ – наградата за животно дело. Статуетката му ја врачи актерот Игор Џамбазов, кој е значаен гостин на секое издание на оваа манифестација.
Откако ѝ се заблагодари на публиката за поддршката низ годините, Мијалковски ги отпеа своите најголеми хитови – „Кажи ми“, „На 223-305“ и „Кажи нешто драга“.
Поп пејачката Андријана Јаневска синоќа ја доби својата прва Златна бубамара на популарноста, односно беше наградена како пејачка на годината.
Горда поради признанието, таа откри дека и било голема чест да настапи со песната „Тајно моја“ на настанот кој се одржа синоќа во Арена Борис Трајковски, и ова беше 27-мо издание на популарното шоу.
Несомнено еден од моментите пречекан со најмногу овации беше враќањето на Раде Врчаковски Врчак на сцената и неговиот настап во живо по повеќе од една деценија. Тој заедно со ДНК ја освои наградата за песна на годината за нивниот дует „Посреќна“.
4 и пол часови исполнети со музика и хумор „прелетаа“ брзо како и бубамарата. Оние кои не беа во можност да присуствуваат ќе можат да уживаат во ова шоу кое долго ќе се прераскажува, преку своите мали екрани.
Еве ги добитниците на овогодинешните награди
Тинејџерска ТВ серија 2023 Тин-Камп
Балетска претстава за деца 2023 Петар Пан
Трајни вредности за афирмација на танцот Тодор Миладинов
Трајни вредности во народната музика Нино Величковски
Трајни вредности Д-р Миодраг Врчаковски – текстописец
Посхумна награда за животно дело Кире Костов
Спортист на годината 2023 Игор Стефановски-Иџе
Спортски успех 2023 Одбојкарска Репрезентација
Најпопуларен спортист 2023 Никола Ѓоргиев
Концерт на годината 2023 Владо Јаневски
Животно дело Драган Мијалковски
Трајни музички вредности Жељко Самарџиќ
Актерка на годината 2023 Наталија Теoдосиева
Најпопуларен млад актер 2023 Сергеј Димовски
Театарска претстава 2023 Ало Ало – Театар комедија
Спортска легенда Кире Лазаров
Етно песна на годината Давид Темелков – Моја Македонија
Проект на годината 2023 СИМБИОЗА-Танец и НОБ
Типографија-дизајнирање македонски Ласко Џуровски
кирилични фонтови
Дуо на годината 2023 Александар и Дац
Пејачка на годината 2023 Андријана Јаневска
Албум на годината 2023 Македонијо во срце те носиме
Најпопуларна нова институција Национален џез оркестар
Награда за уникатни музички вредности Рамбо Амадеус
Песна на годината 2023 ДНК & Врчак – Посреќна
Извор Фото: „Слободен печат“/Слободан Ѓуриќ