Автопатската делница на Коридорот 8 што беше најавувана како мегапроект насочен кон зајакнување на туристичката понуда на Охридско-струшкиот регион, почна да се гради во февруари 2014 година.
Изградбата на автопатот со вкупна должина од 57 километри, првично беше проектирана на 374 милиони евра, за по неколку анекси на договорот и продолжувања на роковите, неговата цена да достигне 598 милиони евра.
Но, сите досегашни рокови се пробиени, а завршувањето на проектот сѐ уште не е ниту на повидок.
Следниов март навршуваат десет години од почетокот на изградбата на автопатот од Кичево кон Охрид.
Премиерот Димитар Ковачевски пак, на партиска трибина тврдеше дека во јануари 2024 година автопатот ќе биде пуштен во употреба:
„Му реков, Благоја лош ти е одговорот. Одговорен патот да биде готов во јануари 2024 година си ти, како министер за транспорт и врски. И затоа Благоја еве го тука, стани Благоја да те видат сите, дајте му поддршка, затоа што јануари 2024 година по тој пат мора да се вози со автомобили од Кичево до Охрид. Нема изговори и нема предавање, затоа што секоја цел Благоја е достижна. Ако седнеш со твоите колеги, ако седнете со ЕУ под ЈПДП и ако секои две недели гледате и работите со надзорот, со изведувачите, верувај ми дека таа цел е достижна. И во јануари 2024 година ќе можеш сите да нѐ повикаш и да се возиме по тој автопат од Кичево до Охрид. Доста чекаа македонските граѓани“, изјави тогаш Ковачевски.
Но, иако досега се готови 80 отсто од изградбата, цели ридови со 11 свлечишта кои паднале врз веќе завршениот дел на автопатот ќе мора да се санираат, а според Ковачевски, самиот старт е со низа пропусти.

„Требаше да биде готов 3 пати до сега не еднаш. И затоа треба убаво да се анализира зошто има толку голем број на пропусти и во проектирањето, и во други делови на активности. Проектот кога е направен една од косините е така направена, да почнува на автопатот во Кичево а завршува во Албанија колку е високо направена, значи имате и такви парадокси... Знаете на почетокот тој е направен на брзина, на некаков проект правен на Гугл мапс.“
Инаку, во моментов се во тек преговорите за новиот, шести по ред анекс договор со кинески „Синохидро“ за продолжување на рокот.

А, освен содржината на анексот кој откако ќе се договори ќе треба да помине во Собрание и натаму останува дилемата дали историската изградба на 57-километарската делница ќе заврши со околу 600 милиони евра.














