Краткото бело балетско здолниште од тул во кое ѕвездата на „Сексот и градот“, Кери Бредшо, се појавува во легендарната воведна шпица, ќе се најде на аукција во Калифорнија следната недела.
Се проценува дека ова култно модно парче ќе се продава меѓу 8 и 12 илјади долари, но големите фанови на серијата веруваат дека ќе достигне многу повисока цена.
Иако можеби не сте ја гледале „Сексот и градот“, веројатно сте запознаени со воведната шпица во која Кери Бредшо (Сара Џесика Паркер) оди по улица во Њујорк и ја здогледува рекламата за нејзината колумна на автобус. Еден од главните „актери“ во оваа сцена е нејзиното бело балетско здолниште од тул, кое визуелно привлекува внимание и со децении е еден од најпознатите модни симболи на серијата, но и на популарната култура.
Аукцијата ќе се одржи на 18 јануари во аукциската куќа „Julien's Auctions“, каде фустанот на принцезата Дајана минатиот месец беше продаден за рекордна цена. Покрај здолништето, во понудата ќе се најдат и парчиња облека од актерки како Одри Хепберн, Елизабет Тејлор и многу други.
Интересно е што ова здолниште кое стана заштитен моден знак на серијата ја чинело Патриша Филд, костимографката на серијата, само 5 долари во една непозната продавница за облека.
„Во корпа полна со облека на распродажба, односно парчиња од минатата сезона кои повеќе не се популарни, штрчеше бел тул, како пена настаната од „морето“ фрлени парчиња“, опиша Филд во својата книга „Pat in the City: My Life of Fashion, Style and Breaking All the Rules“, во која го опишува својот креативен опус.
„Мислев дека здолништето ќе одговара на Сара Џесика Паркер, бидејќи таа била балерина во минатото. Исто така, здолништето беше забавно, необично и неочекувано, исто како и самата серија“, додава Патриша.
Здолништето од тул се појави уште еднаш во филмот „Сексот и градот“ во 2008 година, додека Кери правеше селекција на работи кои требаше да ги пресели во нејзиниот нов стан. „Нејзините пријателки Саманта, Шарлот и Миранда ѝ кажаа што треба да задржи, а што да фрли, а за ова здолниште рекоа дека дефинитивно треба да го задржи“, стои на официјалната веб-страница на аукциската куќа.
Во описот се додава дека ова е едно од вкупно петте здолништа кои биле користени за снимање на воведните шпици.