[ВИДЕО] МВР за обидот за киднапирање деца во Карбинци: Машко лице со возило „голф“ поканило ученичка да влезе во неговата кола за да одат на кафе

Точка

05/12/2023

13:26

4.969

Големина на фонт

а а а

Министерството за внатрешни работи демантира дека утрово имало обид за киднапирање двајца ученици во основното училиште „Страшо Пинџур“ во Карбинци, настан кој и градоначалникот на Општината, Виктор Паунов, јавно го објасни како обид за киднапирање.

Обидот за киднапирање на две деца од училишниот двор на ОУ Страшо Пинџур во штипско Карбинци го објасни и тамошниот градоначалник Виктор Паунов.

- Имаше обид за грабнување на две деца од училиштето. Обидот е спречен, но не загрижува дека безбедноста е доведена до знак прашалник за децата во училиштата, но и за граѓаните на јавните места каде се движат - истакна тој во изјава за ТВ Стар.

Неуспешниот обид за киднапирање го потврдува и директорката на училиштето „Страшо Пинџур“, Наталија Костова.

За ТВ Стар објасни дека со возило со скопски регистарски таблици се обиделе да ги киднапираат децата во училишниот двор, но кога не успеале избегале.

Министерството за внатрешни работи го демантира случајот за обидот за киднапирање пред основното училиште „Страшо Пинџур“ во општина Карбинци. Како што информираат од СВР Штип, момче поканило во своето возило да влезе ученичка за да одат на кафе.

„МВР најостро ги демантира шпекулациите кои денеска се проширија по одредени портали, локални телевизиски станици и социјалните мрежи за наводен спречен обид за грабнување на малолетно лице во училиштен двор во општина Карбинци. Според официјалната пријава до полицијата: Денеска во 09.52 часот во СВР Штип од Основно училиште во Општина Карбинци е пријавено дека околу 09.30 часот во училишниот двор со патничко возило ‘голф’ дошло младо машко лице, кое според пријавеното, поканило ученичка да влезе во неговата кола за да одат на кафе, но таа веднаш се вратила во училиштето и пријавила кај директорката. Се работи на расчистување на случајот“, велат од МВР и нагласуваат дека пласирањето на вакви шпекулации, од кои дел и во дневно-политички цели, е со цел да предизвикаат паника, вознемиреност, постојано чувство на страв и несигурност кај граѓаните.

Изјавите на директорката и градоначалникот погледнете ги во продолжение: