Барселона создаде многу шанси и можеше да има доста покомотна предност од 1:0 против Атлетико Мадрид, но бидејќи се влезе во завршницата со овој резултат, на крајот нервозата си го направи своето.
Каталонскиот гигант дозволи две големи шанси за гостите од Мадрид и Атлетико навистина беше блиску до израмнување, меѓутоа такво нешто не дозволи Ињаки Пења.
Резервниот голман на Барселона доби шанса во отсуство на Тер Штеген, но успеа да го импресионира дури и Германецот со одбраната која ја режираше во дуелот со Мемфис Депај.
Барселона откри дека Пења добил специјален пречек во соблекувалната од своите соиграчи, а честитки не штедеше и Чави Ернандес по триумфот од 1:0.
– Марк се уште има болки во грбот и ќе видиме како ќе се одвива ситуацијата. Кога ќе имаме повеќе информации, ќе кажеме повеќе за него. Ние сме мирни зошто имаме голман како Пења. Ињаки е пример за тоа како се тренира и како се игра кога ќе ја дочекате вашата шанса. Кога тренирате на таков начин, подготвени сте да одговорите во било кој момент. Беше вистински ѕвер во самата завршница, – изјави Чави.