Венецуела гласаше и ја крена војската, Гвајана крена знаме, дали доаѓа војна во Јужна Америка? Богатиот со нафта Есекибо – нова Украина?

Точка

04/12/2023

21:20

5.022

Големина на фонт

а а а

Граѓаните на Венецуела вчера на референдум, кој го распиша претседателот Николас Мадуро, го потврдиле тврдењето на Карас дека имаат суверенитет над богатото подрачје со нафта и руда во соседната држава Гвајана.

„AP“ наведува дека Венецуела тврди дека регионот Есекибо и е украден кога границата во тој дел на Јужна Америка била исцртана пред повеќе од еден век.

„Ова беше целосен успех за нашата земја, за нашата демократија“, рекол Мадуро пред приврзаниците насобрани во престолнината Каракас по објавувањето на резултатите од референдумот.


Венецуелските власти објавиле дека на референдумот учествувале 10,5 милиони луѓе.

Американската агенција наведува дека сè уште не е јасно како Мадуро ќе ги примени резултатите од ова изјаснување.

Гвајана референдумот во соседната земја го смета за чекор кон тоа Венецуела да го присоедини Есекибо, поради што владеат тензии.


„Wall Street Journal“ објавил дека минатата недела се појавиле гласини за тоа дека значаен број од венецуелските војници се префрлени на границата со Гвајана.

„Trinidad Express“ пишува дека базата на венецуелските трупи се наоѓа на реката Барима во близина на границата и во неа во текот на викендот се наоѓале 35 војници, а мал воен глисер бил закотвен во близина.

Се наведува дека над базата се вее големо знаме на Венецуела.


„Во овој момент е многу тензично. Ние мораме да ја надгледуваме ситуацијата и ако мислиме дека се случува било што што не би требало да се случува, ќе ги известиме Одбранбените сили на Гвајана“, рекол за локалните медиуми командантот на полициската станица Имбротеро која се наоѓа на само 500 метри од базата на венецуелската војска, на истата страна од реката.

Гвајана во Есекибо исто така развила големо знаме, а на таа церемонија минатата недела присуствувал тамошниот претседател Мохамад Ирфан Али.


Властите во Каракас тој потег на Али го оцениле како провокација.

„CNN“ наведува дека спорното подрачје – регионот Есекибо е покриен со густа шума – прекрива околу две третини од територијата на Гвајана и е со големина на американската држава Флорида.


Венецуела одамна тврди дека полага право на Есекибо бидејќи се повикува на тоа дека регионот бил дел од нејзината територија за време на шпанската колонијална власт.

Мадуро на митинзите пред референдумот ова изјаснување го претставил како борба против империјализмот.

Гвајана заканата од присоединувањето на Есекибо кон Венецуела ја оценила како егзистенцијална, а властите во оваа мала земја референдумот и ѕвечкањето со оружје ги споредиле со руската инвазија на Украина.


Меѓународниот суд за правда во Хаг во петокот, по пријавата на Гвајана одлучил дека Венецуела треба да се воздржи од референдум, но од Каракас порачале дека ќе го одржат без оглед на таа пресуда.

Гвајана е сиромашна и слабо населена земја со околу 800.000 жители, чија забрзана трансформација започнала во 2015-та година, кога американската компанија „Ексон Мобил“ пронашла нафта кај брегот на Есекибо и кога Венецуела го обновила интересот за спорниот регион.

Откривањето на нафта на владата на Гвајана и овозможило да собира приходи од милијарда долари годишно, а оваа земја би можела да престигне Венецуела во експлоатацијата на „црно злато“ и да стане најголем произведувач на нафта на светот кога се смета производството по глава на жител.

Исто така, Бразил ги засилил одбранбените акции на северната граница додека го следи територијалниот спор меѓу двата соседи.




Спонзорирани линкови

Маркетинг