Луѓето практикуваат разни „ритуали“ пред да се препуштат на гастрономското уживање, но ставањето салфета преку глава звучи како едно од најбизарните.
Никогаш не сте виделе ваква сцена во ресторан? Веројатно и нема, бидејќи станува збор за специјалитет кој во 1999 година е „протеран“ од европските ресторански менија.
Прекривањето на главата се практикувало во текот на консумирањето на малата птица наречена стрнарка (ортолан), претходно потопена во коњак и испечена.
Како ви звучи ова? Можеби брутално, но зборуваме за многу популарно јадење, особено во Франција.
Птицата, која е не поголема од детска шака, најпрво била хранета до посакуваната тежина, па дури потоа започнувала подготовката, пренесува „LadBible“. Но, зошто луѓето ги прекривале главите додека јаделе?
Одговорот не е едноставен. Најчестото објаснување е дека на тој начин „го криеле својот срам пред Бога што ја јадат птицата со божествен глас“.
Други велат дека користеле салфета за да ги задржат мирисите и аромата на печеното месо. Постои и објаснување дека не сакале другите да ги гледаат како ги плукаат коските на чинијата.
Бројот на стрнарки толку многу се намалил во Франција што државата морала да реагира и да воведе строги закони. Ловот на оваа птица бил забранет во 1999 година, но правилата биле слабо почитувани, па на крајот била воведена казна во вредност од 6.000 евра. Убивањето и приготвувањето на оваа птица денес е забрането ширум Европската унија.