Еден војник од првата линија дал отрезнувачки приказ на украинската војска која е послаба и по број на луѓе и по количина на оружје и нејзините напори да ги задржат своите упоришта на источниот брег на големата река Днепар. Неколку стотини украински војници ја преминале реката во склоп на контраофанзивата. Под немилосрдниот руски оган, војникот минал неколку недели на руската страна од реката додека Украина се обидувала да воспостави мостобран околу селото Кринки.
„BBC“ не го именувал војникот за да го заштити неговиот идентитет. Неговиот извештај, пратен преку апликација за размена на пораки, зборува за разнесени воени чамци, неискусни војници кои доаѓаат како засилување и се чувствуваат напуштени од страна на украинските воени команданти.
Украинската војска одбила да ги коментира наводите, повикувајќи се на безбедносни причини. „Целиот речен премин е под постојан оган. Гледав чамци на моите соборци како едноставно исчезнуваат во водата откако се погодени, засекогаш изгубени во реката Днепар“, рекол украинскиот војник.
„Кога дојдовме, непријателот не чекаше“
„Моравме да носиме се со себе – агрегати, гориво и храна. Кога поставувате мостобран, би требаат многу работи, но снабдувањето не беше предвидено за ова подрачје. Мислевме дека непријателот ќе побегне и дека ќе можеме мирно да донесеме сè што ни е потребно, но не испадна така“, нагласил тој.
„Кога пристигнавме на источниот брег, непријателот чекаше. Русите кои успеавме да ги заробиме рекоа дека нивните сили добиле дојава за нашето доаѓање, па, кога пристигнавме таму, точно знаеле каде можат да не пронајдат. Фрлија се на нас – топништво, минофрлачи и пламенофрлачи. Мислев дека никогаш нема да излезам“, додал тој.
Сепак, неколку стотини маринци успеале да се утврдат, делумно помогнати од украинскиот топнички оган од повисоките, западни делови на Днепар. Реката разделува делови на Херсонската област на југот на земјата под руска окупација и делови под украинска контрола.
Несогласувања меѓу Зеленски и Залужни
Главниот стожер на Украина во својот вчерашен извештај нагласи дека украинските сили ги одржуваат своите позиции на источниот брег на Днепар и му нанесуваат штета на непријателот. Меѓутоа, сведоштвото на овој војник открива поделби меѓу украинската влада и нејзините генерали.
Украинскиот врховен заповедник Валериј Залужни за „Economist“ во ноември изјавил дека исто како и во Првата светска војна, достигнале ниво на технологија која ги става во пат-позиција. Канцеларијата на претседателот Зеленски брзо го укорил генералот поради неговите коментари, демантирајќи дека дошло до застој на бојното поле.
„Секој ден седевме во шума и го трпевме оганот кој доаѓање. Бевме заробени – патиштата и патеките беа преполни со мини. Русите не можат да контролираат се, а ние тоа го користиме. Но, нивните дронови постојано зујат во воздухот, подготвени за напад кога ќе видат движење.
„За многу од тоа плативме сами – сами купивме генератори, преносни полначи и топла облека. Сега доаѓаат студови, ќе биде само полошо – реалната ситуација се крие, така што никој ништо нема да промени. Никој не ги знае целите. Многумина веруваат дека заповедништвото едноставно не напушти. Момчињата веруваат дека нашето присуство има повеќе политичко отколку воено значење. Но, ние само ја вршиме нашата работа и не навлегуваме во стратегијата“, продолжил тој.
Руските војници исто така се жалат
Нема сомнеж дека преминувањето преку реката Днепар ги натера Русите да ги прерасподелат своите сили од други делови на бојното поле, како што се нивните добро бранети позиции во Запорошката област, каде Киев се надевал дека порано ќе дојде до пробив. „BBC Russian“ неодамна разговарал со некои руски војници кои го бранат брегот на реката во тоа подрачје.
Тие порачале дека преместувањето на руските војници претставува самоубиство, велејќи дека изгубиле многу луѓе во борбата и дека можат да ги истераат Украинците од своите упоришта. Украинската војска тврди дека сака да ги гаѓа руските линии за снабдување и да ги принуди да се повлечат од реката доволно за да ги заштитат цивилите од гранатирање.
„Во главно нашите загуби беа последица од грешки – некој не се качил доволно брзо во тој ров, друг лошо се скрил. Но, благодарение на нашите лекари, ако повреден војник на време однесеме кај лекарите – тој ќе биде спасен. Тие се титани, богови. Но, не можеме да ги извлечеме остатоците на загинатите. Едноставно е премногу опасно“, истакнал украински војник.
Илјадници Украинци побегнале од мобилизација
„Истовремено нашите беспилотни летала и проектили му нанесуваат големи загуби на непријателот. Еднаш заробивме воени заробеници, но каде да ги сместиме ако немаме начини да преминеме реката дури ни со нашите повредени соборци“, се запрашал. Како и на секој друг дел од бојното поле, и оваа операција се претвори во битка до исцрпување.
Додека Русија ги пополнува своите редови со регрутирани војници и помилувани затвореници, Украина се бори да ги најде луѓето кои и се потребни. Неодамна истражување на „BBC“ покажало дека речиси 20.000 мажи побегнале од Украина од почетокот на руската инвазија.
„Тука требаше да бидат поставени неколку бригади, но едноставно немаме доволно луѓе. Има многу помлади меѓу нас. Ни требаат луѓе, но обучени луѓе, а не овие зелени кои ги имаме сега. Има мажи кои тренирале само три недели, а пукале само неколку пати“, се пожалил украинскиот војник.
Украинската контраофанзива доживеа неуспех
„Тоа е тотален кошмар. Пред една година не би го кажал ова, но сега ми е веќе доста. Одамна дојдоа оние кои сакаат да бидат воени доброволци – сега е тешко да ги намамите луѓето со пари. Сега ни доаѓаат оние кои не успеале да побегнат од мобилизацијата. Ќе се смеете на ова, но некои наши војници не знаат ни да пливаат“, додал тој.
Селото Кринки е претворено во урнатини. Глетките од опипливо олеснување кога пред една година беа ослободени градот Херсон и делови од Харковската област не се повторија. Наместо тоа, украинските победи се сведуваат на заземање на мали парчиња уништена и напуштена земја. Поради тоа аргументите на претседателот Зеленски за долгорочна потпора на Западот е тешко да се продадат политички.