Нетанјаху: Ќе продолжиме со нападите врз Газа со зголемен интензитет

Макфакс

03/12/2023

09:24

1.566

Големина на фонт

а а а

Израелскиот премиер, Бенјамин Нетанјаху, одржа прес-конференција на која рече дека ќе ја продолжи копнената офанзива со сѐ поголема сила, сметајќи дека тоа е единствениот начин да се постигне целта на Израел да го елиминира Хамас и да ги ослободи заложниците.

Тој рече дека израелската армија и безбедносните сили продолжуваат со копнениот напад во согласност со меѓународното право – тврдење што некои набљудувачи за човекови права и светски лидери, го доведуваат во прашање.

Нетанјаху рече дека војниците се подготвувале за тековните борби со полна пареа за време на затишјето во борбите.

„Завчера им наредив на ИДФ, заедно со Воениот кабинет, да продолжат со борбите, со зголемена сила. Во последните 24 часа уништивме повеќе од 400 терористички цели на Хамас. Извршивме опсежни воздушни напади во Кан Јунис. Ги елиминиравме терористите и инфраструктурата во Беит Лахија. Продолжуваме да работиме во северниот дел на Појасот Газа“.