[ВИДЕО/ФОТО] Снегот ја парализира Германија – откажани летови, луѓе ја поминаа ноќта во возови

Макфакс

02/12/2023

14:17

7.130

Големина на фонт

а а а

Обилните снежни врнежи доведоа до значителен прекин на сообраќајот во Баварија, но и во други делови на Германија.

Летовите се прекинати на аеродромот во Минхен, а во текот на ноќта дошло до нарушување во железничкиот сообраќај, пренесува Билд.

Откажани се околу 320 од 760 летови закажани за сабота, јави германската новинска агенција ДПА. Екипите се обидоа да одржат барем една писта во функција и без снег.

Во Улм и Минхен патниците мораа да преноќат во возови.

Во раните утрински часови, возот кој доаѓаше од Штутгарт мораше да биде претворен во хотелски воз на главната станица во Улм.

Дојче Бан (Германски железници) обезбеди и воз за патниците кои останаа на централната станица во Минхен.

Железницата во саботата наутро соопшти дека меѓуградскиот сообраќај е прекинат во поширокото подрачје на Минхен.

Обилните снежни врнежи и ниските температури ги погодија и другите европски земји, вклучително и Швајцарија, каде летовите беа откажани.

Сите летови беа откажани на аеродромот во Глазгов во Шкотска поради обилниот снег, со предупредувања за снег и мраз ширум Велика Британија.

Се очекува горливиот студ да продолжи во Велика Британија во текот на викендот, бидејќи температурите се спуштија под нулата во текот на ноќта, објави Скај њуз.

Како што се наведува, поради тешките временски услови можно е да има отежнат патен и железнички сообраќај, а откажани се и неколку спортски настани.

Метеоролозите за денеска издадоа жолти предупредувања за северниот и југозападниот брег на Шкотска, како и за југозападниот и источниот брег на Англија.

Температурите се спуштија до 10 степени под нулата во делови од Шкотска во текот на ноќта.