Во шпанската Примера се игра 15. коло кое ќе биде одбележано од дербито во Каталонија меѓу Барселона и Атлетико Мадрид, две екипи кои се изедначени на табелата со по 31 бод.
„Душекџиите“ веќе некое време играат во одлична форма, имаат квалитетни резултати и дефинитивно ќе бидат голем предизвик за Барса која пак игра променливо, покажува слабости и ќе биде занимливо да се види во какво издание ќе се претстават избраниците на Чави Ернандес.
Кога е во прашање Атлетико еден од најважните играчи е голманот Јан Облак кој секогаш дава стабилност, сигурност на тимот и многу добро знае како е да се игра на овие дерби пресметки. Тој скоро една деценија е дел од „колчонеросите“, па од тоа што го помина низ годините, своето искуство посочи која Барселона била најдобра, најтешка за ривал.
- Барселона која играше најубав фудбал беше онаа од 2015 или 2016 година. Тоа не значи дека тие беа многу добри во другите сезони, се разбира, но најсилната Барса откако пристигнав овде во Ла Лига беше во првите три години кога почнав да играм во Атлетико Мадрид, - истакна Словенецот.
Во тоа време каталонците ги имаа Меси, Нејмар и Суарез, супер трио кое беше страв и трепет за секој тим.