Украина сега не може да стане членка на НАТО бидејќи тоа би довело до трета светска војна и затоа што Киев ги крши правата на националните малцинства, изјавил министерот за надворешни работи на Унгарија, Петер Сијарто.
„Членството на Украина во НАТО е невозможно од две причини. Првата е Вашингтонскиот договор за основање на НАТО чиј член 10 гласи дека на Алијансата може да ѝ се приклучат само земји кои би дале придонес во северноатлантската безбедност“, рекол Сијарто по седницата на Советот Украина-НАТО на министерско ниво.
Како што истакнал, сега е очигледно дека земја во војна не придонесува за безбедност, напротив – приемот на Украина во Алијансата би го довел НАТО во закана од директен судир со Русија, што би значело трета светска војна.
Втората причина, според зборовите Сијарто, е тоа што во Алијансата нема место за земја која постојано ги крши и укинува правата на националните малцинства, што не одговара на правилата на НАТО.
„На денешната седница на НАТО, во рамките на соработката, направен е план за Украина за спроведување на реформи. На иницијатива и инсистирање на Унгарија, од тие реформи се очекува Украина да ги почитува и правата на националните малцинства. Во наредниот период многу внимателно ќе следиме дали Украина ги исполнува тие очекувања во рамките на реформите кои ги пропишува НАТО“, порачал Сијарто.
Претходно поранешниот секретар на НАТО, Андерс Фон Расмусен предложил Украина да биде примена во НАТО без териториите кои се под контрола на Русија. Според неговото мислење, тоа ќе ја намали опасноста од нов судир. Москва порачала дека влегувањето на Украина во НАТО за Русија е неприфатливо во било кој облик.