Џејмс Дин бил американски актер кој постигнал легендарен статус и покрај неговата прерана смрт и кратката кариера. Со својот став и маестрални улоги, тој останал икона на тинејџерската бунтовничка култура и симбол на необуздана младост во 1950-тите.
Сепак, најмногу болка му предизвикал љубовниот живот, иако бил исклучително млад. Ниту вртоглавиот успех не можел да ја надомести таа празнина во неговото срце.

Џејмс Дин е роден во малото гратче Марион во американската држава Индијана, на 8 февруари 1931 година. Уште од најраното детство, тој бил многу приврзан со својата мајка Милдред Вилсон, за која тврдел дека е единствената што го разбирала. Кога неговата мајка ненадејно починала од рак, кога тој имал само девет години, неговиот живот целосно се променил. Татко му го испратил да живее заедно со вујко му и вујна му, постапка што целосно го нарушила нивниот однос.
Неговите биографи тврдат дека тој нашол утеха во дружбата со свештеникот Џејмс Девард, кој, наводно, му ја разгорел љубовта кон брзите автомобили.

Додека студирал право во Калифорнија, Дин ја открил љубовта кон глумата, што потоа ќе го направило филмска легенда.
Неговата прва поголема улога била во филмот „East of Eden“ (1955), каде што се истакнал како младиот Кал Траск. Тој добил номинација за „Оскар“ за оваа улога, што било импресивно достигнување за некој кој штотуку влегол во светот на глумата.
Веројатно најпознатата улога му била во филмот „Rebel Without a Cause“ (1955), каде што го толкувал ликот на бунтовниот тинејџер Џим Старк. Овој филм го направил симбол на необуздана младост и бунт.

По тоа, тој продолжил со снимањето на филмот „Giant“, каде што го делел екранот со Елизабет Тејлор. За жал, пред филмот да биде завршен, Дин трагично го загубил животот во сообраќајна несреќа на 30 септември 1955 година, на само 24 години.

Иако кариерата на Дин била краткотрајна, неговото влијание врз филмската индустрија и популарната култура е неизбришливо. Силен впечаток оставиле неговиот бунтовнички дух, безгрижниот стил и длабоко емотивните изведби.
Сепак, студиите го поттикнале да игра на картата „кул момче кое ретко се насмевнува во јавност, никогаш не вади цигара од уста и крши срца каде и да оди со својот мотор или спортски автомобил“.

Благодарение на неговата магнетна привлечност и неверојатна харизма, тој успеал да ги претвори дури и најобичните парчиња облека, како што се сини фармерки и бела маичка, во моден тренд кој и ден-денес се копира. Џејмс Дин несомнено го имал „тоа нешто“ што ги привлекувало луѓето, без разлика на нивниот пол. Не му одолеале ниту Мерилин Монро, Елизабет Тејлор, Џоан Крафорд и Џуди Гарланд. Но, тој не можел да преболи само една – Пјер Анџели.

Италијанската актерка Пјер Анџели и Џејмс Дин не биле долго во врска, а имало неколку причини за нивното раскинување. Нејзината мајка не го одобрувала некатоличкиот начин на живот на Дин, брзите автомобили и начинот на облекување. Исто така, луѓето од филмското студио со кое работел се обиделе да го одвратат да се ожени со Анџели.
Самиот Дин ѝ признал на младата актерка дека сè уште не е подготвен за брак, а недолго по нивното раскинување Анџели се верила со пејачот Вик Дејмон, со кого и се венчала во 1954 година. Дин останал шокиран и со скршено срце.

Бидејќи бил во неверување и морал да се увери дека сето тоа е вистина, на денот на венчавката Дин се појавил пред црквата со својот мотор.
Четиринаесет години по завршувањето на нивната врска, Пјер Анџели опишала како изгледала таа романса:

„Ќе отидевме заедно на калифорнискиот брег и ќе останевме таму, што подалеку од љубопитните очи. Поголемиот дел од времето го поминувавме на плажа, седејќи, забавувајќи се, исто како и студентите. Зборувавме за себе и за нашите проблеми, за филмовите и за глумата, за животот и за животот после смртта. Се разбиравме целосно. Бевме како Ромео и Јулија, заедно и неразделни. Понекогаш на плажа се сакавме толку многу што само сакавме да одиме во морето заедно држејќи се за раце, знаејќи дека тогаш ќе бидеме заедно засекогаш“, истакнала своевремено.








