Во еден луксузен ресторан на Сардинија била забележана несекојдневна сцена која ги подели мислењата на интернет корисниците.
Една неименувана туристка од Швајцарија го нарачала најголемиот јастог во понудата, кој чинел 200 евра, а потоа побарала да ѝ го донесат жив.
Во ресторанот „Gente di Mare“, јастозите се подготвуваат со шпагети и други тестенини, што подразбира прво да се зготват, а потоа да се прелијат со сос од домати, лук, лимон и зачини.
Но, во овој случај туристката побарала да ѝ го донесат јастогот жив.
„Потоа праша дали може да го пушти во морето. Најпрвин помислив дека се шегува, но рече дека е сериозна. Ѝ одговорив дека не е проблем. Сакаше да направи добро дело. Гледајќи ја нејзината среќа и возбуда, и јас бев трогнат“, изјавил Антонио Фасолино, сопственик на ресторанот кој бил сведок на овој момент.
Јастогот ѝ бил донесен во кофа, а жената пришла до водата, нежно го извадила и го спуштила во морето во северниот дел на Сардинија.
Сцената ја овековечил нејзиниот сопруг, а објавата набрзо стана вирална.
Потегот на Швајцарката предизвика дебата на интернет – додека едни ја фалат и поддржуваат ваквата одлука, други сметаат дека таа го направила сето тоа за да привлече внимание на социјалните мрежи.