Поранешната веганка и студентка по право, Викторија Фераз од Атланта, на својот ТикТок профил секојдневно споделува што јаде во склоп на својата месојадна диета, а во едно видео признала дека одлуката да премине на веганство била најлоша одлука во нејзиниот живот.
Викторија веќе 7 месеци е на т.н. месојадна диета во која се консумираат исклучиво намирници од животинско потекло (со вода и сол), без овошје, зеленчук, растителни масла па дури и зачини.
Поранешната веганка тврди дека со ваквиот вид исхрана ги излекувалa здравствените проблеми како болки во зглобовите, акни, проблеми со синусите, главоболки и надуеност. Викторија рекла дека своевремено се препуштила на „веганската пропаганда“ и започнала секојдневно да пие овесно или бадемово млеко и да јаде зеленчук.
„Никогаш повеќе не би го подложила моето тело на тоа. Признавам дека најлошата одлука во мојот живот беше да се согласам дека веганството е правилно“, открила таа и додала дека никогаш не се чувствувала подобро.
„Целосно ги исклучив сите видови шеќери: овошје, јаглехидрати и преработен шеќер. Не јадам растенија, не јадам зеленчук. Никогаш не би се вратила на таа храна бидејќи се чувствував многу лошо, а сега се чувствувам многу добро“, вели Викторија. Сега за појадок јаде јајца со сланина или плескавица, пие кафе со путер и секоја вечер јаде стек.
„Мислам дека секој што е заинтересиран за ваквата исхрана треба да ја разгледа и можеби тоа да го направи полека, со исклучување на храна од растително потекло и зголемување на месото и мастите“, заклучила таа.