Од салата за прослави во Ирак, во која синоќа за време на свадбените веселби загинаа најмалку 113 лица, остана само челичната конструкција.
На видеата што настанаа по стравотниот пожар, кој за неколку минути ја зафати салата, може да се види дека пламените јазици уништија сè од инвентарот, толку многу што речиси е невозможно да се препознае што било.
Трагедијата се случила за време на првиот танц. Според кажувањата на гостите на свадбата што го преживеале пожарот, околу 22.45 часот младенците излегле на подиумот да танцуваат и со тоа биле запалени прскалки и огномет за да ја прослават венчавката. Сепак, постои сомневање дека огнометот удрил во таванот, кој се запалил, а пожарот потоа почнал да се шири со молскавична брзина.
На видеата што кружат на социјалните мрежи младенците преплашени се вртат и гледаат како пламенот почнува да ја зафаќа салата, а огнените топки паѓаат врз свадбената веселба.
„Целата сала се запали за неколку секунди“, рекол еден од гостите на свадбата.
Се сомнева дека во салата во моментот на трагедијата имало околу 900 луѓе.
Иако пожарникарите релативно бргу пристигнале на самото место, пламенот веќе ги зафатил речиси целата сала и многуте гости во неа. Пожарникарите влегле да ги извлечат преживеаните.
Првите наоди од истрагата покажуваат дека салата била изградена со екстремно запаливи материјали, што довело до брзо ширење на пожарот и до уривање на конструкцијата.