Намалување на трошоците и подобрување на ефикасноста на плаќањата, олеснување на прекуграничната трговија и инвестициите, се само дел од многукратните придобивки од Единствената европска платежна област (СЕПА).
Оттаму, од висок интерес за земјите од регионот на Западен Балкан е приклучувањето кон СЕПА и поврзувањето со платежната инфраструктура на Европската централна банка, додека поврзувањето на регионалните платни системи со примена на европските стандарди и регулаторни барања и размената на искуства е значаен чекор напред кон остварување на овие цели. Ова беа главните пораки на панел-дискусијата посветена на „Интеграцијата на регионалните платни системи за олеснување на трговијата и подготовка на земјите од Западен Балкан за евентуална интеграција во еврозоната“, во рамките на Форумот на економските министри за Берлинскиот процес, кој се одржа во Тирана, Албанија, каде што учество зедоа вицегувернерката на Народната банка, Ана Митреска и вицегувернерот Фадил Бајрами, извести Народна банка.
Вицегувернерката Митреска истакна дека нашата земја претендира на интеграција на платните системи во европската платна инфраструктура, заради што е спроведен и Проектот за модернизација на платните системи на Западен Балкан, под покровителство на Европската комисија, поддржан од Светската банка. Вицегувернерката појасни дека транспонирањето на европското законодавство за платните системи е во релативно напредна фаза, коешто се должи на новата законска рамка, Законот за платежни услуги и платните системи, како и на сетот од 26 подзаконски акти, со кои се обезбедува спроведувањето на законот, усвоени од Народната банка.
Притоа, додаде дека во претстојниот период треба да се пренесат и други прописи коишто се однесуваат на СЕПА и прекуграничните плаќања. Покрај законските, потребни се и технички усогласувања на платните системи во земјава со стандардите коишто се практикуваат од СЕПА, поради што Народната банка, банките, како и операторите на платните системи, се фокусирани на нивно спроведување до крајот на 2025 година. „Имајќи ја предвид комплексноста на овој процес, потребна е координација со другите централни банки во регионот на Западен Балкан, размена на знаењата и засилување на комуникацијата со релевантните институции во ЕУ, со цел да ги премостиме законските и техничките јазови, додека се подготвуваме за апликација во СЕПА“, посочи вицегувернерката, соопшти НБ.
На панел-дискусијата на која зборуваше вицегувернерката Митреска, учествуваа и гувернерот на централната банка на Албанија Гент Сејко и гувернерот на Косово Ахмет Исмаили и вицегувернерките Ернадина Бајровиќ и Зорица Калезиќ, како претставнички на централните банки на БиХ, односно на Црна Гора.