Оска против ВМРО-ДПМНЕ не може да создаде човек кој 15 години беше на чело на партијата, а 11 години ја водеше државата и ја одржуваше таа партија на власт, изјави Груевски во гостувањето во „Тешки муабети“.
„Не е можно јас да направам оска против ВМРО-ДПМНЕ, тоа е пропаганда, слоган кој го смислиле. Очигледно се тргнати во една сосема непотребна офанзива, не знам дали на некому тоа треба да им го испорачаат, дали на Заев или на друг центар, дали се чувствуваат посилни па тргнале против Груевски, но од тоа само губат. Обично еден лидер треба да сплотува, да ја направи партијата посилна, овде тоа не го гледам, вели Груевски.“
Поранешниот премиер демантираше дека имало било какви средби со претставници на власта, пишува Инфомакс.
Груевски не ја исклучува можноста од договор меѓу Мицкоски и Заев за оцрнување на неговиот лик и дело.
Додаде и дека немал никаква комуникација со Мицкоски откако станал претседател на ВМРО-ДПМНЕ.
„Мицкоски откако стана лидер на партијата ја прекина комуникацијата со мене, првпат ме побара кога имаше исклучувања во партијата, два-три пати се видовме, ништо посебен разговор, оттогаш немаме никаква комуникација и тој сега се фали со тоа, тој е прилично горд што нема никаква комуникација со мене, вели Груевски.
Експремиерот и поранешен лидер на ВМРО-ДПМНЕ, Никола Груевски, во видео-интервју за „Тешки муабети“ изјави дека немал влијание врз пратениците од партијата.
„Јас најмалку година дена немам разговор со ниеден пратеник, некој ако ми честитал Нова година, па сум вратил честитки. Јас разговор со пратеници една година не сум имал, а и претходно многу ретко и никогаш на оваа тема. Еве нека излезе еден пратеник да каже дали сум го барал?“, вели Груевски.
Поранешниот премиер додаде и дека не сака да им даде повод на СДСМ уште еднаш да кажат дека влијае над Мицкоски.
„Сметам дека партијата не треба да го менува ставот за уставните измени, клучното прашање за понатаму е историјата и тоа е клучно и за Бугарија. Бугарија бара да кажеме дека сме заеднички народ пред 44. година. Македонската нација не е создадена на 2 август 1944 година, има докази за тоа и тука ќе се кршат копјата. Сите нивни првенци во политиката велат дека како сакаме можеме да се нарекуваме сега, но да прифатиме дека до 2 август 1944 година сме биле Бугари. Тоа не е точно, тие одат според системот на Отоманската империја каде имало само бугарска црква и грчка црква и луѓето тогаш се нарекувале според црковната припадност, тоа не е етничко изразување, но постојат многу докази дека има засебен македонски народ. Ставот на партијата не е да влезат или да не влезат Бугарите во уставот, туку дали да влезат сега или кога ќе влеземе во ЕУ. Јас не им се мешам, како мислат, така“ вели експремиерот Груевски.
Прашан што мисли за тоа дека сè уште е најпопуларен политичар во Македонија, и покрај тоа што одамна не е во Македонската политика, тој вели:
„Ако некој не е активен, а јас освен по некоја објава на Фејсбук што пишувам, првпат давам интервју по 2017. година, најверојатно граѓаните не се задоволни од актуелните политичари штом толку многу се сеќаваат на некои други времиња со некои други резултати. Актуелните политичари се секој ден на медиуми, секој ден гостуваат некаде и нормално е тие да се актуелни, но фактот што се навраќаат на некое друго време значи дека се незадоволни од овие полтичари и овие од власта кои се тешка катастрофа и го охрабрувам ВМРО-ДПМНЕ да направи чекори, една година е многу, ќе останеме без народ, економијата е многу лоша, чекање за избори една година е многу“.
Груевски смета дека независните граѓани не може да се привлечат со напади кон него, туку со конкретна понуда, пренесува Инфомакс.
„Ќе привлечат независни гласачи ако имаат квалитетна понуда, јас се трудам да се воздржам да не кажам некои работи кои ќе им направат голема штета, прилично сум незадоволен за многу работи, но штедам зборови, внимавам што зборувам, јас до 19 септември еден збор немам кажано против ВМРО-ДПМНЕ, јас со многу нивни политики не се согласував и сега не се согласувам за да не направам штета. Јас толку работи можам да му одговорам на Александар Николоски или на Христијан да не знаат што ги снашло, ама таа партија не е на нив, таа партија, барем јас кога бев е 181.000 и нешто членови. Се трудам да се воздржам за глупостите што поединци ги прават, како што знам, за да не направам штета, да не можат после со месеци да се отплеткаат“, заклучи Груевски.