„Lego“ се откажа: „Како да правите велосипед од дрво“

Точка

25/09/2023

18:47

4.149

Големина на фонт

а а а

Данската компанија „Lego“ го стопираше проектот за производство на коцки од рециклирани шишиња наместо пластика на основа на масло.

„Lego“ се откажува бидејќи тоа, како што е соопштено, би довело до поголема емисија на јаглерод во текот на животниот век на производот.

Овој потег следи откако најголемиот светски произведувач на играчки се насочил на истражување на одржливи материјали, во рамките на глобалната борба против климатските промени и намалување на емисијата на јаглерод.

Данската компанија прави милијарди сетови годишно, а во 2021-ва година почнала да истражува потенцијално преминување на рециклиран полиетилен терефталат (PET) од акрилонитрил бутаидиен стирен (ABS), за чие производство се потребни околу 2 килограми нафта за 1 килограм пластика во околу 80 проценти лего коцки, пренесува „Guardian“.


„Тоа е како да се обидете да направите велосипед од дрво, а не од челик“, рекол Тим Брукс, шеф на одделението за одржливост, зборувајќи за тоа како материјалот кој не е база на масло бил помек и барал дополнителни состојки за да се подобри издржливоста, како и поголемо трошење на енергија за обработка и сушење.

„Нивото на нарушувања во производното окружување беше такво што моравме да промениме се во нашите фабрики за да ја зголемиме употребата на рециклираниот „PET“. После сето тоа, јаглеродниот отпечаток би бил поголем. Беше разочарувачко искуство“, рекол Брукс.

Компанијата соопштила дека во 2021-ва година имала повеќе од 150 вработени кои работеле на одржливоста.


Извршниот директор на компанијата „Lego“ Нилс Кристијансен, за „Financial Times“ рекол дека произведувачот на играчки тестирал стотици и стотици материјали, но не можел да пронајде „магични материјали за решавање на прашањето за одржливоста“.

Наместо тоа, „Lego“ има за цел секој дел од „ABS“ да го направи одржлив со вградување на повеќе биолошки базиран и рециклиран материјал.

Кристијансен рекол дека групата за три пати ќе ја зголеми потрошувачката на одржливост на 3 милијарди долари годишно до 2025-та година. Исто така нагласил дека поголемите трошоци за производство нема да ги сносат потрошувачите.