На социјалната мрежа „ТикТок“ кружат видеа од егзотични и диви животни, кои според описите, ги продава Србин под името „Дани Тарзан“.
Иако ваквата постапка е незаконска, овој човек јавно ја прикажувал својата понуда, а во описот на профилот посочено било потенцијалните купувачи да го контактираат преку „Вибер“ и „Вацап“.
Она што секако привлекло најмногу внимание се фотографиите од различни видови на бувови со натпис: „Акција“, испишан над нив. Сепак, тој не ги навел цените на животните.
Од друга страна, тој објавувал и видеа од дивите животни во станот, а на една од нив се гледа неговата ќерка како држи младенче лав. „Нормалните ќерки си играат со кукли и спијат со плишани мечиња, само моето „лудо дете“ со лав“, напишал тој под објавата.
Во неколку наврати, на видеата можело да се видат и други видови диви мачки, како белиот тигар. Тука биле и егзотичните птици, разни видови копитари и мајмуни.
На едно од видеата имало и ној кој тој го возел во својот автомобил.
Во една од објавите овој човек фотографирал покана за циркус и се заблагодарил за „Вип“ местото.
Според Законот за благосостојба на животните, чувањето и репродукцијата на диви и егзотични животни како домашни миленици, може да се врши само врз основа на одлука за чување и репродукција на диви и егзотични животни како домашни миленици, која ја носи министерот, врз основа на претходно добиена согласност од министерот надлежен за животната средина.
Чувањето и репродукцијата на егзотични животни како домашни миленици без одобрение се казнува со парична казна од 1.000 до 1.000.000 динари.