Откако поранешната министерка за правда Рената Дескоска изјави дека Уставниот суд треба да го поништи новото упатство и да го укине спорниот дел од Законот за матична евиденција за нова националност, министерот за правда Кренар Лога од новинарите беше запрашан како неговата претходничка ја спорела содржината на упатството кога можела да го донесе истото упатство ако сметала дека е во ред.
„Дескоска може да дава изјави како професорка, како министер е лош пример, бидејќи она сама се назначуваше преку Влада како член на венецијанската комисија иако во тој момент беше и потпретседател на партија. Професорката по уставно право тоа не го дозволувала, не прифаќала“.
Додава таа немала храброст во одредени ситуации.
„Немаше храброст за уставните измени, за Преспанскиот договор, да поминат низ оваа институција, туку за првпат и со преседан бидејки она се повикува на добри пракси и стандарди во Европа и во светот за првпат во историјата на оваа држава, верувам и во другите држави, сите тие уставни измени да одат преку МНР што за мене лично е голем срам“.
Со упатството се воведува нова графа „националност“ во изводот од матична книга на родените, венчани и умрени, што според експертите задира во „сензитивните“ заштитени податоци. Уставните судии, ќе треба да пресечат дали одредбите од Упатството го кршат Уставот.