Неухранети и изедени од инсекти, ги пронашла војската четирите деца кои 40 дена живеле сами во џунгла по авионска несреќа во Колумбија.
Преживеале силни бури во еден од „најнегостопримливите“ делови на земјата, каде живеат опасни животни, но и вооружени групи, пишува „Гардијан“.
По падот на авионот, во леталото биле пронајдени тројца мртви возрасни лица, меѓу кои и мајката (33). Но, од децата немаше ни трага, ни глас.
„Како изгледал нивниот опстанок, ни покажаа со нивниот пример, ова ќе остане во историјата“, рече колумбискиот претседател Густаво Петро, нарекувајќи ја случката „радост за целата земја!
Четирите браќа и сестри, на возраст од 13, девет, четири години и едно 11-месечно бебе, биле од заедницата Хуито. Иако неухранети, ниту едно од децата не било во тешка состојба, дури ни најмладото, пишува Гардијан.
Се верува дека преживеале јадејќи од комплетите за преживување фрлени во џунглата од страна на тимот за пребарување, но знаењето и мудроста што го добиле од нивната баба, исто така, можеби било од витално значење, рече Џон Морено, домороден водач од блискиот Ваупес.
„Ова е недопрена шума, густа и опасна… а знаењето што го стекнале во заедницата, знаењето на нивните предци, го искористиле за да преживеат“, изјави тој за локалниот медиум Камбио.
Децата се транспортирани во градот Сан Хозе де Гуавиаре на медицински прегледи и психолошки проценки.
Четирите деца биле во авионот „Цесна 206“, кој летал од градот Сан Хозе де Гуавиаре до Аракуара, провинцијата Амазонас, утрото на 1 мај, кога неговиот пилот издал тревога за помош поради дефект на моторот.
Две недели подоцна, леталото беше пронајдено, 175 километри јужно од Сан Хозе де Гуавиаре. На местото на настанот беа откриени три возрасни тела, меѓу кои и на 33-годишната мајка на децата, но немаше траги од децата.
Како што пишува Гардијан, во деновите што следеле се појавила трошка надеж. На околу 500 метри од местото на несреќата, тимовите за пребарување пронајдоа отпечатоци од стапала, џвакано овошје и користени пелени. Напорот за спасување, наречен Операција Надеж, беше брзо зголемен, на крајот вклучи 150 војници и 200 доброволци од локалните домородни заедници, како и тим од 10 белгиски овчари, на површина од над 323 квадратни километри.
Тимот за пребарување изврши повеќе воздушни проверки, прикачувајќи звучник со долг дострел на хеликоптерот на кој пуштија порака од бабата на децата, на јазикот Хуито, во која им кажа дека потрагата е во тек и да останат таму каде што се.
Децата, сепак, биле во движење. Првичните надежи дека децата ќе бидат пронајдени живи брзо се намалија. Тимот за пребарување наиде на напуштени кампови на бунтовнички групи, а дел од тимот за пребарување се повлече поради огнот со друга група во регионот. Бројот на летови беше намален и комбинираната командна станица во Сан Хозе де Гувијаре беше распуштена.
Сепак, два дена пред да бидат пронајдени, бригадниот генерал рече дека сè уште верува оти децата се живи и дека тешкотијата да се најдат се должи на нивното движење низ шумата.
„Ова не е игла во стог сено, тоа е мала болва во тепихот, затоа што се движат – изјави за локалниот печат, „но ако, не дај Боже, беа мртви, веќе ќе ги најдевме“.
Во петокот околу 17 часот, се слушна: „Чудо! Чудо! Чудо! Чудо!“ Група од 10 војници и осум домородни доброволци открија нови траги и ги следеа до местото каде што беа децата на чистината.
Во петокот, војската твитна фотографии на кои се гледа група војници и доброволци кои позираат со деца завиткани во термални ќебиња. Еден од војниците држел шише до усните на најмалото дете.
„Тоа е можно само со заеднички сили“, напиша на Твитер колумбиската воена команда.
Гласините за тоа каде се наоѓаат децата првпат се појавија на 18 мај, кога Петро на Твитер објави дека децата се пронајдени. Потоа ја избришал пораката, тврдејќи дека бил погрешно информиран од владина агенција.
Во петокот, откако потврди дека децата биле спасени, претседателот рече дека некое време верувал дека децата биле спасени од едно од номадските племиња кои сè уште талкаат по оддалечените делови на џунглата каде падна авионот и имаат мал контакт со властите.
Но Петро додаде дека децата прво ги пронашло едно од кучињата спасувачи кои војниците ги однеле во џунглата. Тој рече дека се надева оти ќе се сретне со децата во денес.
„Џунглата ги спаси“, додаде.