Отворете ги очите додека плаќате на каса во маркет – некои трговци свесно манипулираат со цените

Денар

09/06/2023

18:41

3.823

Големина на фонт

а а а

Барем еднаш во животот сигурно ви се случило да здогледате производ на полица во маркет со примамлива цена, а кога ќе дојдете на каса за да го платите, касиериката да ви каже дека цената е грешна и дека производот чини поскапо.

И што правите во таква ситуација? Разочарано го оставате производот на касата и тивко си заминувате?! Или можеби го купувате производот без разлика на збрката со цените?

Што и да направите ќе погрешите доколку веднаш не го повикате главниот менаџер на маркетот, му ја објасните ситуацијата и побарате да го добиете производот по првичната цена што сте ја здогледале на полицата. Доколку шефот негодува, тогаш, најнормално, го пријавувате случајот кај надлежните.

Зошто, вие, како потрошувач, имате целосно право да ја платите цената од полицата, затоа што од таму сте се информирале за цената и таму паднала одлуката дали воопшто да го купите производот. Токму вака е регулирано и во Законот за потрошувачи.

Исто така, граѓаните честопати се непријатно изненадени и кога при плаќање на каса или при проверка на сметката ќе видат дека им се наплатува повисока цена од онаа што ја виделе на полиците во маркетите. Грешката обично веднаш бидува поправена ако навреме ја забележат измамата, но голем дел од купувачите, особено ако пазареле повеќе различни производи, нема воопшто да ја проверат фискалната сметка и нема никогаш да ја воочат „измамата“.


- Јас најчесто ги проверувам фискалните сметки по секое пазарење, но мојата мајка не го прави тоа и неколку пати била измамена. Пред некој ден пазаревме заедно во еден маркет, а јас сосема случајно забележав дека прашокот за перење облека имаше сосема поразлична цена на каса од онаа на полицата. Веднаш изреагирав, а вработените во маркетот ми возвратија со зборовите „случајно останала старата цена, а од денеска има нова цена“. Но, тоа кај мене не поминува. Го повикав шефот, односно менаџерот на маркетот и сѐ се заврши онака како што треба. Интересно е што следниот ден повторно влегов во истиот маркет и забележав дека старата цена на прашокот сѐ уште е испишана на полицата. Тогаш сфатив дека се работи за класична измама на потрошувачите – ни раскажува скопјанката Катерина Михајлова.

Од Организацијата на потрошувачи, пак, ги советуваат граѓаните да внимаваат на цените, а секој обид за измама да го пријават кај надлежните.

- Ако се најдете во таква ситуација, тогаш ќе инсистирате да го купите производот по пониската цена којашто била испишана на полицата. Имате право на тоа. Само на тој начин ќе ги научиме трговците да бидат поодговорни кон своите муштерии – коментираат оттаму.

Според Законот за заштита на потрошувачите, трговецот мора да се придржува до истакнатите продажни цени и до условите за продажба.

Обврската е регулирана во неколку членови. Во Член 12, на пример, наведено е дека означувањата што упатуваат на распродажба, односно на намалување на цените, независно од тоа дали намалувањето е изразено во износ или во процент, треба да бидат реални и вистините и изразени на јасен и недвосмислен начин.


Во Член 137 точка 9, пак, се предвидува и глоба во износ од 1.200 евра во денарска противвредност за правното лице, односно на трговецот поединец ако не се придржува на истакнатите продажни цени и услови за продажба.

Казна во износ од 30 отсто од одмерената глоба на правното лице, односно на трговецот поединец ќе му биде изречена и на одговорното лице во правното лице, односно на одговорното лице во трговецот поединец.

Пазарните инспектори во пракса ги гледаат овие неправилности само доколку потрошувачите реагираат. Тие во тој случај прават проверка на извештајот на касата, па ако утврдат неправилност, тогаш изрекуваат казни, но и едукација за тие што го прекршиле законот.



Спонзорирани линкови

Маркетинг