Украинскиот претседател Володимир Зеленски денеска изјави дека го посетил поплавениот јужен регион Херсон и разговарал за ситуацијата по уништувањето на браната Каховка.
Зеленски на Телеграм напиша дека разговарал со властите за евакуација на населението од поплавените подрачја, за санирање на последиците предизвикани од експлозијата на браната, како и за поддршка на поплавените подрачја, пренесе Ројтерс.
Зеленски кажа дека разговарале и за обновувањето на екосистемот во регионот и оперативната воена состојба по катастрофата предизвикана од уривањето на браната Каховка.
❗️President Zelensky is in Kherson
— Maria Drutska ?? (@maria_drutska) June 8, 2023
“Our task is to protect life and help people as much as possible. Thanks to the rescuers and volunteers! Thank you to everyone involved in this work!” pic.twitter.com/FiGNKvX59z
Украинскиот претседател објави и видеа од неговата посета на Херсон.
Во посебна објава, придружена и со видео, Зеленски изјави дека го посетил и патниот премин преку кој се евакуира населението.
„Важно е да се пресмета штетата и да се издвојат средства за обештетување на жителите и стопанствениците погодени од катастрофата“, рече Зеленски.
Градоначалникот на Херсон претходно денес изјави дека 600 квадратни километри од регионот се под вода – поголемиот дел од руската окупирана страна на Днепар – и дека речиси 2.000 луѓе веќе ги напуштиле погодените области.
Пет лица загинаа по уривањето на хидроцентралата Каховска во Херсонската област на југот на Украина, изјави началникот на градскиот округ Новокаховка, Владимир Леонтиев.
Русија и Украина меѓусебно се обвинуваат дека во вторникот ја уништиле хидроелектричната брана Каховка.
Херсон се наоѓа на бреговите на реките Днепар, околу 60 километри низводно од браната Каховка.