Екипата на Тотенхем некое време го бараше наследникот на Антонио Конте со тоа што во меѓувреме таа позиција ја покрија Кристијан Стелини и Рајан Мејсон.
Меѓутоа „петлите“ не закрепнаа од тоа заминување на Конте, а најдобар доказ за тоа е што не успеаа да изборат пласман во европските купови во наредната сезона. Низ јавноста циркулираа повеќе имиња, стратези познати на пошироката јавност за да на крајот раководството предводено од претседателот Даниел Леви да одлучи довербата да му ја даде на 57-годишниот Ангелос Постекоглу.
Постекоглу е Австралиец со грчко потекло, стратег кој во изминативе две сезони имаше одлични резултати со Селтик, а тоа беше препорака за Тотенхем да притисне за неговиот потпис и договори четиригодишна соработка со него.
- Анге носи позитивен менталитет и брз, напаѓачки стил на игра. Тој има силно репутација за развој на играчи и разбирање за важноста на врската со академијата – сè што е важно за нашиот клуб. Возбудени сме што Анге ни се придружува додека се подготвуваме за сезоната што следи, - порача претседателот Леви.
Ова за Ангелос ќе биде најголем предизвик во догашната кариера во која освен тимови во Австралија, Грција и Јапонија беше селектор на А националниот тим на „кенгурите“, но и на репрезентациите до 17 и 20 години.