Мултиплекс склерозата е најчеста автоимуна воспалителна болест на централниот нервен систем, а тоа е првенствено болест на млади лица – кај повеќето знаците на болеста се јавуваат помеѓу 20 и 45 години.
Исто така, жените заболуваат дури двапати почесто од мажите.
Кај поголемиот број, симптомите се појавуваат повремено, а со прогресија на болеста може да се менува нивната јачина, како и нивното траење.
Иако мултиплекс склерозата најчесто ја забележуваме дури кога е во напредна фаза, лекарите тврдат дека постојат рани симптоми кои не треба да се игнорираат, пренесува британскиот „The Sun“. Тоа се:
- проблеми со видот
- грчеви во мускулите
- болки во зглобовите и мускулите
- умор
- отежнат говор
- нарушувања на контролата на мокрењето и столицата
Исто така, подоцна можат да се појават и нарушувања во координацијата на движењето, тремор, ментални нарушувања и чести депресивни епизоди.
Иако секој од овие симптоми не мора нужно да значи дека личноста има мултиплекс склероза, сепак ова се знаци кои покажуваат дека нешто не е во ред со нашето здравје и дека треба да посетиме лекар.