Манчестер Сити и Манчестер Јунајтед ќе истрчаат на „Вембли“ во 142. финале на ФА Купот на Англија. „Граѓаните“ сакаат да го направат вториот чекор кон тројната круна кон која се стремат, додека „црвените ѓаволи“ бркаат втор пехар откако веќе го освоија Карабао купот.
Сити го брка ФА Купот по седми пат во својата историја, додека Јунајтед ќе се обиде да го подигне 13. трофеј во натпреварувањето. Сепак, градските ривали првпат во историјата на најстариот фудбалски турнир играат меѓу себе во финале.
„Граѓаните“ имаат шест победи и пет порази во 11-те финалиња на ФА Купот што клубот ги одигра досега. Тие последен пат го подигнаа овој трофеј во 2019 година кога го совладаа Вотфорд со 6:0.
Откако Манчестер Сити ја освои третата последовна титула во англиската Премиерлига, Пеп Гвардиола имаше шанса да одмори голем дел од својот стартен состав во последните два првенствени натпревари. Во нив Сити ремизираше 1:1 со Брајтон, а потоа загуби од Брентфорд со 0:1 на гости. Така „граѓаните“ ја прекинаа серијата од 25 последовни натпревари без пораз на сите натпреварувања. Во ФА Купот, тимот на Гвардиола има импресивен ефект, со гол разлика 17:0, а на патот до финалето ги елиминира Челси, Арсенал, Бристол Сити, Барнли и Шефилд Јунајтед.
За Манчестер Јунајтед ова е 21. финале во ФА Купот. Екипата на Ерик Тен Хаг е во добра форма откако ги доби последните четири натпревари во Премиерлигата и заврши на третото место, 14 бода зад шампионот. Холандскиот стратег го одведе тимот до нивниот прв трофеј по шестгодишна пауза. Тоа дојде откако го победи Њукасл во февруари во финалето на Лига купот.
„Црвените ѓаволи“ ги елиминираа Евертон, Ридинг, Вест Хем, Фулам и Брајтон на патот до финалето на ФА Купот. Последен пат клубот триумфираше во 2016 година, кога го победи Кристал Палас со 2:1.
Само Арсенал (14) има повеќе трофеи од Манчестер Јунајтед (12). Сепак, „црвените ѓаволи“ загубија вкупно осум финалиња, а по овој показател се на првото место заедно со Челси и Евертон.
Манчестер Јунајтед го доби последното издание на дербито откако во јануари на „Олд Трафорд“ го совлада Сити со 2:1. Претходно во сезоната, сепак, „граѓаните“ ги победија „црвените ѓаволи“ на „Етихад“ со 6:3.
Пеп Гвардиола потврди дека Кевин Де Брујне и Џек Грилиш, кои имаа одредени здравствени проблеми, тренираат и ќе му бидат на располагање. На голот сигурно ќе стартува Стефан Ортега кој настапи на сите натпревари во Купот.
Манчестер Јунајтед ќе биде без помошта на Антони Марсијал и на Бразилецот Ентони.