Извршниот директор на „Google“ ја изрази својата загриженост: „Не спијам ноќе, ова откритие е поважно од огнот, струјата и сè што сме направиле низ историјата“

Точка

19/04/2023

21:42

16.507

Големина на фонт

а а а

Извршниот директор на „Google“, Сундар Пичаи, признал дека брзиот развој на вештачката интелигенција го држи буден ноќе, и покрај тоа што неговата компанија е во чекор со технологијата.

Пичаи рекол дека не ја разбира вештачката интелигенција во целост, но сигурен е дека таа еден ден ќе биде многу поспособна од сè што досега сме виделе.

„Отсекогаш сум мислел дека вештачката интелигенција е најважната технологија на која човештвото работи. Дури и поважна од огнот, струјата и сè што сме направиле низ историјата“, изјавил Сундар во интервју за „CBS“ и признал дека и покрај тоа е многу загрижен поради брзиот и неконтролиран напредок на оваа технологија.

„Може да биде многу штетно ако сè погрешно се постави. Ги немаме сите одговори, а технологијата напредува брзо. Дали тоа ме држи буден ноќе? Апсолутно“, рекол Пичаи.

Минатиот месец технолошките лидери, вклучувајќи го и Илон Маск, потпишаа отворено писмо во кое повикуваат на 6-месечна пауза во истражувањето на вештачката интелигенција, со предупредување дека оваа технологија излегува надвор од контрола. Копотписници на ова писмо се и вработените во „Google“.

Пичаи ја нарекол вештачката интелигенција „црна кутија која сè уште не ја разбираме во целост“ и додал дека треба да се регулира.

„Секој кој некое време работел со вештачка интелигенција сфаќа дека тоа е нешто толку поинакво и длабоко што нѝ беа потребни општествени прописи за да размислиме како да се приспособиме“.


Извршниот директор на „Google“ е загрижен и покрај тоа што и „Google“ напредува со AI четботот „Bard“, ривал на „ChatGPT“.

Пичаи признава дека компаниите можеби избрзале со развојот на технологијата без целосно да ги земат предвид нејзините недостатоци и ризици.

„Една од работите на кои треба да внимаваме кога станува збор за вештачката интелигенција е оваа трка во која компаниите се натпреваруваат кој ќе биде прв во нешто, при што потенцијалните ризици и недостатоци се губат од вид“, додал тој.