Во тек е операцијата на Боки 13, адвокатот Туфегџиќ: Интервенцијата е животно загрозувачка

Макфакс

30/03/2023

09:48

5.650

Големина на фонт

а а а

Во тек е операција на Бојан Јовановски-Боки 13 во болницата „Св.Наум Охридски Скопје“, дознава „Макфакс“. Тој утринава бил однесен во операциона сала, каде треба да му биде извршен оперативниот зафат. Адвокатот Владимир Туфегџиќ, полномошник на Јовановски-Боки 13 за „Макфакс“ ја потврдува информацијата и посочува дека станува збор за сложена интервенција која е ризична и животно-загрозувачка.

„По завршување на сите медицински испитувања, денеска во Универзитетската клиника за хируршки болести Св.Наум Охридски Скопје, се извршува хируршка интервенција врз Бојан Јовановски од страна на тим од повеќе специјалисти – хирурзи. Станува збор за исклучително сложена хируршка интервенција која е високо ризична и животно загрозувчка, на чии последици повеќе пати навремено писмено укажуваа лекарите специјалисти од областа“, вели адвокатот Туфегџиќ за „Макфакс“.

Дека ќе дојде до операција се навестуваше месеци наназад од страна на Јовановски-Боки 13 и неговиот адвокатски тим. Тие бараа хуман третман и да бидат почитувани мислењата од докторите од болницата „Св.Наум Охридски Скопје“ кои ординираа терапија и кажаа дека состојбата не може да се санира во затворски услови. Адвокатот Туфегџиќ посочи дека операцијата можеше да се одбегне ако надлежните органи односно Кривичниот суд и Управата за извршување санкции постапеле правилно.

„Сето ова можеше да се одбегне доколку од страна на надлежните органи беше овозможен времен прекин на издржувањето на казната затвор за да може пациентот да го спроведе задолжителниот строг медицински режим во домашни услови, бидејќи истото беше невозможно да се спроведе во пенални услови, а кое нешто во изминатите 7 месеци е констатирано во бројните медицински специјалистички извештаи на лекарите специјалисти од областа“, додава Туфегџиќ за „Макфакс“.

Прашан за тоа каков исход се очекува, но и колку ќе трае операцијата, адвокатот посочува: „Поради комплексноста, карактерот и сериозноста на севкупната состојба, во овој момент не можат да споделат повеќе информации“.

Пред еден месец, Јовановски-Боки 13 беше одбиено барањето од Кривичен суд за прекин на казна. Истакна и жалба на решението за која однапред посочи дека очекува да биде одбиена, по што и таква одлука беше донесена – тој да остане во затвор. До јавноста беа испратени и низа конзилијарни мислења, а во едно од нив потпишано од десетина доктори стоеше: „„Во смисла на сериозноста, карактерот и интензитетот на болеста, кај пациентот се препорачува и се дава задолжително упатство за понатамошно лекување и третман, што би значело лекување исклучиво во домашни услови, веднаш и неодложно по завршување на болничкото лекување бидејќи пациентот со ваква здравствена состојба и опишаните ризици од неа, медицински е недозволено да се лекува во пенални услови“. Овој документ го добиле и во Кривичниот суд, но и во Управата за извршување санкции при одлучувањето по однос на прекинот на казна.

Средината на месец февруари, Боки 13 беше вратен во затвор. Адвокатите алармираа дека е во предканцерогена состојба и дека истата ќе се влоши. Тие доставија и хистопатолошки наод од Институтот за патологија при Медицинскиот факултет во Скопје каде се констатира: „Наодот одговара за хроничен гастритис со фокуси на интестинална метаплазија“.

Откако немаше институционална реакција, додека осудениот остана во затворот „Идризово“, Боки 13 побара реакција и до Амбасадата на САД. За тврдењата дека е цел на тортура, за наводите дека има криминално постапување од страна на Кривичниот суд, но и дека располага со сензитивни податоци за криминал што го правеле највисоките државни структури, ги известил Амбасадата на САД и амбасадорката Анџела Агелер. Неговиот адвокатски тим копија од писмото испрати и во јавноста, каде што наведува дека се бара од Амбасадата и од амбасадорката да го посетат Јовановски-Боки 13 во затворот.

На почетокот од март, до јавноста беа доставени и медицински белешки со потписи и печати од различни доктори од Итната медицинска помош, по прегледи направени во затворот. Правниот тим на Боки 13 посочи: „11 лекари од Брза помош утврдија дека Боки 13 не може да се лекува во затвор“. Во нив, според нив, стои дека Јовановски-Боки 13 не може да ја добива пропишаната терапија во тие услови, а таму ниту може да има хигиено-диететски режим, потребен за подобрување на неговата здравствена состојба.

На средината од месец март, преку ново соопштение од правниот тим се алармираше дека поради линчот и тортурата, здравјето на Боки 13 му е во алармантна состојба.Тие прашаа: „Кому му одговара да умре?“. Потсетија и на претходните ставови, дека третманот кој го има Боки 13 го носи само кон операција која може да има и смртен исход, а за која докторите им посочиле дека не можат да гарантираат за успешноста.

Истиот ден, Кривичен суд за „Макфакс“ посочи дека ја одбил жалбата на Боки 13 со која бараше прекин на казна поради влошената здравствена состојба.

На средината на месец март, за првпат во јавноста се обрати мајката на Боки 13, Јасминка Јовановска. Посочи дека Боки 13 е во лоша здравствена состојба поради тоа што е цел на изживување, малтретирање и тортура. Најави дека за ваквите последици врз неговото здравје одговорност ќе бара од инволвирни лица.

„Како мајка и родител, на ниедна мајка и родител не им го посакувам ова пеколно и злосторничко однесување кон чие било дете, затоа упатувам апел до јавноста, за човечност и разумност во овие чувствителни моменти“, напиша таа, а зад писмото се потпиша и нејзиниот сопруг Миле Јовановски.

Адвокатот Туфегџиќ испрати и ново барање за прекин на казната на Боки 13 до Кривичен суд. Адвокатот посочи дека Кривичен и Управата за санкции знаеле за последиците кои може да ги има Боки 13 ако не се почитуваат лекарските напатствија, кога донеле одлука да не дадат прекин на казна.

Боки 13 одново беше хоспитализиран во болницата „св. Наум Охридски“ на 17 март. Од правниот тим беше известено дека ќе биде опериран бидејќи тоа е веќе неизбежно, а хирурзите што ќе го извршат оперативниот зафат се оградуваат од ризикот и одговорноста, а сè поради нејзината сложеност.



Спонзорирани линкови

Маркетинг