Пендаровски и Ван дер Белен на економски форум-Меѓу нас нема отворени прашања, туку само отворени можности

Макфакс

29/03/2023

20:03

1.562

Големина на фонт

а а а

Претседателот Стево Пендаровски и австрискиот претседател Александер Ван дер Белен, во рамки на неговата официјална посета на дражавата денеска се обратија на Македонско-австрискиот економски форум „Зајакнување на деловните односи меѓу Северна Македонија и Австрија“.

„Ние не само што немаме отворени прашања меѓу нас, туку наидуваме на постојана, силна и принципиелна австриска поддршка на нашите европски интеграции и стратешки интереси. Имајќи ги предвид одличните билатерални односи, изградената доверба и исклучително плодната економска соработка, клучните прашања и констатации на кои сакам да се осврнам се: која треба да биде основната цел на овој македонско-австриски деловен форум, во услови кога Австрија е веќе најголемиот инвеститор во Северна Македонија?“, истакна Пендаровски.

Според шефот на државата, трговската размена меѓу Северна Македонија и Австрија е сè уште мала ако се имаат предвид квалитетот на билатералните односи, бројот на австриски компании на македонскиот пазар и потенцијалот за развој на двете страни. Тоа зборува дека можностите за соработка не се доволно искористени, особено во сферата на земјоделството и прехранбената индустрија.

Втората причина, како што рече, е фактот дека Европа и светот минуваат низ клучен период.

„Нема земја што не е погодена од геополитичките ризици, енергетската криза, ценовните шокови и од инфлацијата“, подвлече Пендаровски.

Оценува дека за Австрија да продолжи да биде број еден инвеститор во Северна Македонија, не само во наредните неколку години туку и во наредните децении, нужно е да се отворат нови перспективи во економската соработка.

„Меѓу Северна Македонија и Австрија нема отворени прашања, туку само отворени можности. Се надевам дека овој форум ќе биде потврда на досегашната квалитетна соработка, но и почеток на нова фаза на соработката помеѓу компаниите од двете земји. Наредната 2024-та ќе одбележиме 30 години од воспоставувањето на дипломатските односи меѓу нашите две пријателски држави. Во пресрет на тој значаен јубилеј, ве повикувам да ја искористите стекнатата доверба и да ја продлабочите соработката“, порача Пендаровски.



Спонзорирани линкови

Маркетинг