Џенифер Анистон: „Новите генерации ги сметаат епизодите на ‘Friends’ за навредливи, не можеме сè да сфаќаме премногу сериозно“

Точка

29/03/2023

20:14

5.955

Големина на фонт

а а а

Американската актерка Џенифер Анистон, која глуми со Адам Сендлер во „Murder Mystery 2“, крими-комедија со меѓународна актерска екипа, вели дека „на светот му е потребен хумор“, особено во „поделените“ Соединети Американски Држави.

„Комедијата еволуираше, филмовите се променија. Сега тоа е малку незгодно затоа што морате да бидете многу внимателни, што многу им отежнува на актерите, бидејќи убавината на комедијата е да се смееш на себеси, да се смееш на животот“, заклучила актерката на прес-конференцијата во Париз оваа недела по повод промоцијата на филмот.

Таа потоа извикала: „На светот му е потребен хумор! Не можеме сѐ да сфаќаме премногу сериозно. Особено во САД. Сите се премногу поделени“.

Телевизиската серија како „Friends“, која беше огромен хит во 90-те, денес не би била можна со истото сценарио, смета таа.


„Сега има нови генерации, деца кои сега гледаат епизоди од „Friends“ и ги сметаат за навредливи“, вели Анистон.

„Не знам... на сите им е секогаш нешто навредливо овие денови“, додала актерката. Но, „Friends“ исто така се занимаваше со теми како хомосексуалноста на начин кој беше отворен и полн со разбирање, секогаш низ призмата на хуморот.

„Имаше работи кои не беа намерни и работи за кои можеби требаше повеќе да размислиме“, признала Џенифер. „Но, ја немаше таа чувствителност како денес“.

Токму овие проблеми можеби се причината поради која Холивуд во последните години снима сè помалку комедии, што според Анистон е трагедија.

„Знаете што друго се промени во комедиите? Изгледот", се пошегувал Сендлер, покажувајќи ја својата облека.


„Се сеќавате кога снимавме комедии? Ви даваа буџет, не премногу пари, и ви велеа: ‘Направете што можете со тоа’. А сега сакаат да изгледаме прилично одлично. Работиме повеќе на тоа“, додал тој низ смеа.

За „Murder Mystery 2“, Анистон и Сендлер се облечени како туристи и се однесуваат како збунети Американци. Првиот дел од филмот, објавен во 2019 година, ги следеше авантурите на полицискиот детектив (Сендлер) кој добива неочекувана помош од својата сопруга фризерка (Анистон) да го реши случајот. Во продолжението, кое ќе излезе овој петок на „Netflix“, двајцата патуваат во Париз откако нивниот богат пријател ќе биде киднапиран.