Анализа на Пари: Колкави беа добивките и платите во трговијата со тутун во екот на пандемијата?
Вестите за најголемите приходи што се пријавуваат во Управата за јавни приходи и што оваа институција секоја година ги споделува, секоја година предизвикуваат големо внимание кај јавноста. Она што во текот на март го соопшти директорката на УЈП, Сања Лукаревска, е дека највисоката годишна бруто-плата во 2021 година е исплатена на граѓанин од Скопје. Платата е остварена во дејноста трговија на големо со производи од тутун и на годишно ниво изнесува 122,3 милиони денари (околу 2 милиони евра). Ова значи дека месечниот износ на бруто-платата е 10,2 милиони денари, или околу 166.000 евра. Од овој износ е одбиен данокот од 10 проценти, како и придонесот за пензиско и здравствено осигурување кој не се плаќа на целиот износ, туку највисока основица за пресметка на придонесите од задолжително социјално осигурување во 2021 година е 658.256 денари. Така, и по сите овие одбитоци, според пресметката на порталот Пари, некој од тутунскиот сектор, имал нето-плата од 9 милиони денари, или околу 146.000 евра. Притоа, за пензиско и здравствено осигурување, како и за другите придонеси (во случај на невработеност и во случај на професионално заболување) платил 184.311 денари, или речиси 3.000 евра, додека данок на личен доход платил околу еден милион денари, или над 16.000 евра.
Во „потрага“ по компанијата која некому му донела ваков приход од работен однос во 2021 година (за минатата година резултатите ќе се објават во март 2024 година), порталот Пари во соработка со Бизнис мрежа, ги открива податоците за компаниите со дејност трговија на големо со производи од тутун со најголеми просечни плати, но ќе ги разгледаме и оние со најголеми добивки и најголеми приходи. Под лупа ги ставаме и компаниите кои произведуваат тутун, а кои, истовремено, мора да имаат регистрирано и дејност трговија, затоа што произведеното мора да го продадат. Сепак, потсетуваме дека според извештајот од УЈП е потенцирана дејноста трговија со производи од тутун… Секако, потенцираме и дека ова истражување не дава стопроцентен одговор на прашањето: Кој земал плата од 146.000 евра во фирма за трговија на големо со производи од тутун?
Бројките можат да го откријат потенцијалниот добитник на платата. Според регулативата, Управата за јавни приходи е обврзана на даночна тајна и не може да го каже името на скопјанецот кој во 2021 година на име плати земал 122,3 милиони денари. Но, еве што кажува „играта“ со бројки.
На прво место по висина на просечна плата е „Прима.МК“ ДООЕЛ. За „обичниот“ човек ова име и не е многу познато во јавноста. Обично, тутунскиот бизнис се врзува со Прилепскиот комбинат, сега во рацете на „Филип Морис“, или со некогашниот Скопски монопол, сега Империал тобако ТКС – Скопје. Но, сепак, Филип Морис Тутунски комбинат Прилеп ДОО Скопје е на второ место по просечните плати, а Империал тобако ТКС – Скопје се води со дејност производство на тутунски производи, кои, пак, се дистрибуираат преку „Еуро Табак“, кој покрај цигарите, дистрибуира и други производи.
ПРИМА.МК е дел од интернационалната корпорација ПРИМА ГРУП, специјализирана за увоз и дистрибуција на водечки тутунски производи. Таа во Македонија, во 2021 година имала 81 вработен со просечна плата од 136.397 денари. Или, вкупниот исплатен месечен фонд на плати бил речиси 180.000 евра. Ако еден човек земал нето-плата од 146.000 евра за другите 80 остануваат во просек по 425 евра нето-износ.
ФИЛИП МОРИС ТУТУНСКИ КОМБИНАТ ПРИЛЕП ДОО Скопје е партнер на производниот погон во Прилеп, но има и дејност трговија со производи од тутун. Таму просечната плата била 96.699 денари, а имало 40 вработени, што значи дека вкупниот фонд за плати изнесувал помалку од 63.000 евра. Таму плата од 146.000 евра дефинитивно не се вклопува.
ТДР СКОПЈЕ е дел од фамилијата „Бритиш Американ тобако“. Таму просечната плата е 69.063 денари, има 10 вработени, или вкупниот месечен фонд за плати е 690.063 денари, или околу 11.000 евра. Таму плата од 146.000 евра дефинитивно не се вклопува.
Остатокот од текстот можете да го прочитате на порталот ПАРИ.