Обвинители, полицајци и инспектори влегоа во битолската болница за Јана, директорот не може да каже дали има лекарска грешка

Макфакс

24/03/2023

11:36

10.548

Големина на фонт

а а а

Обвинителство, полиција, инспекторат. Ова се трите институции кои од се влезени на контрола во Клиничката болница-Битола, откако завчера почина петгодишно девојче.

Потврда за ова даде и директорот Александар Обедниковски за „Макфакс“, кој ќе бара да се направат проверки и од Министерството за здравство преку посебна комисија. Директорот Обедниковски посочува дека не може да ги коментира обвинувањата дека на детето му била вбризгана глукоза иако шеќерот и бил покачен на 9, како што тврди семејството.

„Тоа не можам да го кажам тоа. Тоа го проверуваат. Дојдоа и од Обвинителство и полиција. Штом постапува Обвинителство – не можам да коментирам“, кажа тој.

Прашан дали тој се сомнева во лекарска грешка, посочи дека за тоа ќе одлучат институциите.


„Не можам тоа да го кажам. Тоа го одлучува Министерството за здравство и инспекторатот. Затоа и ќе барам да дојде комисија од Скопје, да не излезе потоа дека ние криеме некакви докази итн. Нека си дојдат од Скопје“, додаде Обединковски.

За случајот, директорот ќе има средба и со новиот министер за здравство.

„Јас одам кон Скопје на состанок во Министерство за здравство за да се договориме како да постапиме понатаму. Ќе побарам од министерот за здравство да направи комисија да дојде и да ја испитаат состојбата“, додаде директорот за „Макфакс“.

Девојчето починало откако примило инфузија.

„Девојчето е донесено во болницата во 10 часот вчераутро, а почина во 14 часот. Родителите го донесоа дехидрирано, со покачена температура, повраќање и со оток на очите. Кај нас беше само рехидрирано пред да почине. Телото сега е на обдукција, а за случајот го известив Обвинителството“, рече вчера директорот Обедниковски.

Сведоштво за последните моменти на Јана, имаше и нејзиниот татко за „Макфакс“. Тој и неговата сопруга се убедени дека за смртта на нивната ќерка пресудна била инфузијата со гликоза што ја добила и покрај тоа што претходно анализите покажале дека шеќерот и е деветка. По инфузија шеќерот и се искачил на 19 и состојбата и се искомплицирала, а по три часа им соопштиле дека починала.

Со став излезе и битолското Обвинителство од каде посочија дека издале наредби за да се утврди фактичката состојба.


Инспекции ја тресат болницата во Битола по смртта на петгодишното девојче, на семејсвото не му се јавил никој од здравствените власти

Вонредниот надзор, кој треба да утврди како починало петгодишното девојче од Битола, е во тек, а досега здравствените институции не му се јавиле на семејството, кое излезе во повеќе медиуми со свои тврдења за тоа што се случило при лекувањето на Јана. Премиерот Димитар Ковачевски рече дека ќе се утврди фактичката состојба, па ќе се дадат сите информации.

„Да, имам информации. Разговаравме и вчера и денеска. Почнат е вонреден надзор. Информирано е Јавното обвинителство. Кога институциите ќе ги имаат сите детали, тие ќе бидат споделени со јавноста. Врз основа на факти треба да се утврди објективната состојба и врз основа на тие факти да се направат соодветни санкции онаму каде што ќе биде потребно“, рече Ковачевски.

Министерот за здравство, Фатмир Меџити, рече дека го чекаат исходот од надзорот на Државниот санитарен и здравствен инспекторат. Тој очекува до крајот на денот да имаат и конкретни информации.

„Штом слушнавме, веднаш постапивме. Инспекциските служби се таму, чекаме информации. Со семејството немавме контакт. Чекаме исход од ДСЗИ и веднаш ќе бидете известени за целото постапување“, изјави министерот Фатмир Меџити.



Спонзорирани линкови

Маркетинг