Тито зборува англиски: Исплива досега невидена снимка од маршалот од 1953 година

Точка

23/03/2023

20:12

5.522

Големина на фонт

а а а

Познатиот филмски магазин „British Pathe“ пред неколку години објави големиот дел од својата архива на YouTube. На снимките кои ги бележат сите најзначајни настани во историјата на 20 век, има и такви кои се поврзани со просторите на Балканот.

Меѓу нив е и видеото од Јосип Броз Тито во посета на Велика Британија во 1953 година, кое сигурно никој не го видел.

Тито пристигнал на островот со својот брод „Галеб“, а го пречекале премиерот Винстон Черчил, министерот за надворешни работи Ентони Еден, како и сопругот на британската кралица Елизабета Втора, принцот Филип.

Тоа било првпат маршалот да ја напушти Југославија по одвојувањето со Советите, па безбедносните мерки во Лондон биле огромни. Тито низ градот возел со блиндирани автомобили, а тајна била дури и локацијата на куќата во која бил сместен за време на неговиот престој.

Сепак, се случил еден помал инцидент. Недалеку од местото каде што „Галеб“ се закотви во пристаништето, експлодирала димна бомба. Улицата била покриена со чад, но Тито едноставно влегол во блиндиран автомобил и се оддалечил.

Тамошните медиуми пишувале дека најверојатно станувало збор за припадници на југословенската емиграција во Британија, кои на овој начин сакале да го изразат својот протест.

Но, снимката е интересна и поради тоа што на неа се слуша како Тито зборува англиски.

„Сакам да му порачам на народот на Велика Британија дека жителите на мојата земја треба да се сметаат за искрени сојузници, бидејќи народите на новата Југославија имаат исти цели како и народот на Велика Британија“, рекол југословенскиот претседател во кратката изјава дадена на бреговите на Темза.

Под видеото има многу коментари, а ова се само некои од нив.

„Тогаш бевме виолини, а сега сме труби“, „Запомнете, никој од територијата на поранешна Југославија никогаш не бил вака почитуван“, „Многу интересен напис во кој се споменува противењето на Тито, одвојувањето од Сталин, соработката со Велика Британија, па дури и прашањето за Трст...“.