Зошто Украина толку го сака германскиот тенк „Леопард“: Доверлив и модерен, технички посупериорен од руските тенкови, пука и кога вози наназад

Точка

24/01/2023

21:15

4.755

Големина на фонт

а а а

Украина ги сака германските тенкови „Леопард 2“, бидејќи верува дека со тоа оружје ќе ја заврти војната во своја корист. Берлин сè уште се двоуми околу испораката. Зошто е „Леопард“ толку посакувано оружје?

Досега Украина во главно се потпираше на тенковите „T-72“ од советско време. Некои од ги заробиле и од руските трупи. Но, за пресврт на бојното поле потребно и е помодерно оружје. Владата во Киев затоа веќе подолго време бара меѓународна испорака на борбени тенкови, а од Германија посебно го бара борбениот тек од типот „Леопард 2“. Тој модел технички е посупериорен од руските тенкови.

На Украинците тенковите „Леопард 2“ им се потребни за пробивање на непријателските линии во, веќе некое време, прилично статичната рововска битка. „Тенковите ни се потребни за да ја спасиме нашата енергетска инфраструктура, за да ги спасиме Украинците од злосторства“, нагласил неодамна украинскиот министер за надворешни работи Дмитро Кулеба во текот на посетата на германската министерка за надворешни работи Анален Бербок. Кулеба го зголемил и притисокот на Германците што порано да ја одобрат испораката на бараните тенкови. „Колку повеќе трае тоа одлучување, толку повеќе луѓе ќе умрат поради недоволно вооружување на украинската војска“, рекол украинскиот политичар.

Украина од самиот почеток во целост е зависна од западното вооружување и муниција. Германија веќе испорача подвижни хаубици и оклопни возила „Гепард“ и „Мардер“, но сè уште се двоуми околу испораката и издавањето на дозвола на други земји за испорака на „Леопард 2“ повикувајќи се на сè уште недоволно цврст став на НАТО партнерите околу тоа прашање.


Доверлив и модерен тенк

Зошто е „Леопард 2“ толку посакуван? Тој 60-тина тони тежок и десет метри долг тенк се смета за еден од најдобрите и најмодерни борбени тенкови на светот: моменталната верзија на главниот борбен тенк „Леопард 2 А7“ се испорачува од 2014-та година. Од почетокот на производството во 1987-ма година, германската компанија Краус-Мафај Вегман испорачала повеќе од 3.500 тенкови „Леопард 2“.

Неговото главно оружје е топот со цевка од 120 милиметри со максимален домет од 5.000 метри и во состојба е отвори оган како во мирување, така и во движење. Според Бундесверот, предноста на „Леопард“ е во комбинацијата од огнена моќ, оклопна заштита и подвижност. Достигнува брзина до 70 километри на час, а го придвижува релативно економичен дизел-мотор.

И токму способноста за отворање на оган во движење, дури и во движење наназад, е тоа што „Леопард“, но и другите модерни тенкови, како американскиот „Абрамс“ или францускиот „Леклерк“ ги прави посупериорни. „Тие тенкови отвораат оган додека се движат со полна брзина. Тоа руските тенкови, на пример Т90, не го можат“, вели Ралф Ратс, специјализиран за воена историја и директор на германскиот музеј за тенкови. Освен тоа, како што вели тој историчар, „Леопард“ е доверлив и лесен за одржување. Освен Германија, моментално го користат уште најмалку 14 држави во разни прилагодени варијанти.


Германија мора да даде зелено светло

Зошто сега сите очи се завртени кон Берлин? Не станува збор само за тоа дека Германија сама ги извезува тенковите Леопард. На новите нарачки, како што порачале во компанијата Краус Мафај Вегман, и онака би се чекало со години. Компанијата Рајнметал, која исто така учествува во производството на тенковите тврди дека може во овој момент да испорача 139 тенкови, а воедно тврди и дека повторното оспособување на половните „Леопард“ трае и до една година.

Се поставува прашањето и колку тенкови „Леопард“ Германија воопшто поседува. Некои статистики велат 220 парчиња, но дури и новиот министер за одбрана Борис Писториус веднаш по преземањето на должноста минатата недела прво наредил да му се достави точниот список и расположливоста на бараните тенкови. Според некои постари листи, Бундесверот моментално би можел веднаш да препушти 19 тенкови кои инаку служат за обука.

Но, своите „Леопарди“ на Украина не смеат да и препуштат ни земјите кои ги поседуваат. Според германските закони, имено, и земјите кои веќе ги поседуваат тие тенкови и сакаат да и ги препуштат на Украина, за проследување во трети земји мора да добијат дозвола од Берлин. А токму околу тоа прашање германската влада, на неразбирање од Полска и Финска, кои со задоволство би и ги препуштиле своите тенкови на Украинците, е во недоумица.


Германија не сака да биде учесник во војната

Но, како што објаснува министерот за правда Марко Бушман, како и кај другите испораки на оружје, Германија со испорака на борбените тенкови, според меѓународното право, не значи дека автоматски би станала учесник во војната. „Украина е во право, бидејќи води самоодбранбена војна. Според меѓународното право, Германија смее да и испорача оружје на Украина. Тоа нас не нè прави страна во војната, без оглед на тоа за какво оружје станува збор“, вели Бушман.

Кога Борис Писториус беше именуван за министер за одбрана, германскиот претседател Франк Валтер Штајнмајер јасно даде до знаење дека Германија не е во војна, но дека сега мора да реагира на заканите со кои е соочена. Писториус порано зборувал за тоа дека Германија индиректно е вклучена во војната. Независно од испораките на оружје, западните сојузници на Украина постојано истакнуваат дека не се страна во војната. Државите членки на НАТО не се директно воено вклучени во судирот и таа состојба сакаат да ја задржат.




Спонзорирани линкови

Маркетинг