Бакаларот е една од омилените риби на Медитеранот, а претставува богат извор на комплетни протеини и многу макро и микроелементи.
Обезбедува добра количина на омега-3 и омега-6 масни киселини како и витамини Б12, Б6, Б3, Е и Ц. Бакаларот е исто така богат со витамин А, обезбедувајќи 90 отсто од дневниот препорачан внес на овој витамин. Оваа риба содржи и минерали како фосфор, калиум и селен.
Бидејќи е многу здрав, не би било лошо што почесто да го имате бакаларот на трпезата, а во продолжение ви претставуваме еден рецепт за превкусен бакалар во сос:
Потребни состојки:
- 600 гр. бакалар
- 600 гр. компири
- 100 мл. маслиново масло
- 200 мл. бело вино
- мешавина од зачини (по желба)
- 1/3 лажичка сол
- 2-3 гранчиња рузмарин
- 1 главица лук

Начин на подготовка:
Исечкајте го бакаларот на помали парчиња со ширина од 5 центиметри. Излупете ги компирите, а потоа измијте ги и исечкајте ги на кругови. Во еден сад ставете ги маслото, виното, зачините и солта и добро промешајте.
На дното на тавата ставете 2-3 гранчиња рузмарин, една главица лук исечена на половина, а одозгора наредете ги компирите. Врз нив ставете ги парчињата бакалар и сето тоа прелијте го со мешавината од масло и вино.
Ставете да се пече на 220 степени околу 1 час. Пред крајот на печењето поклопете ја тавата.
За подготовка на сосот, во сад излијте ги соковите од печењето, додајте го исчистениот печен лук и добро испасирајте.
Печените парчиња бакалар послужете ги со компирите, сосот од лук и парчиња лимон.






