Грковска: Нас не ни требаат реформи на хартија, ни треба ефикасна борба против корупцијата

Макфакс

09/12/2022

19:33

2.270

Големина на фонт

а а а

„Сите ние во оваа сала сме одговорни за состојбите во државата, вклучително и за степенот на корупција. Денеска на меѓународниот ден на борбата против корупцијата, 9 декември, мора отворено да разговараме за слабостите во системот во делот на корупцијата. Нас не ни требаат реформи на хартија, ни требаат суштински реформи кои ќе значат исполнување на стандардите за членство во Европската Унија, но и ќе овозможат позитивни промени за граѓаните“, порача заменичката на претседателот на Владата задолжена за политики за добро владеење, Славица Грковска на денешниот состанок, кој во соработка со вицепремиерот за европски прашања Бојан Маричиќ и евроамбасадорот Дејвид Гир го организираа со сите институции кои се надлежни за борба против корупција.

На состанокот присуствуваа и министерот за финансии Фатмир Бесими, како и министерот за информатичко општество и администрација Адмирим Алити, како и потпретседателот на Собранието Горан Мисовски, претседателката на Комисијата за политички прашања Соња Мираковска, државниот јавен обвинител Љубомир Јовевски, претседателката на Судскиот Совет Весна Данева.

„Во повеќе наврати кажав дека нема да бидам политички коректна, особено имајќи ги предвид случувањата во правосудството. Не може некој да го руши системот од внатре, а за тоа да се нема одговорност. Независноста која ја дава Уставот не смее да биде сфатена како привилегија, како изговор за самоволие. Таа независност дава уште поголема обврска и уште поголема одговорност“, нагласи Грковска.

Евроамбасадорот Гир истакна дека корупцијата секогаш ќе си го најде патот и ако не се сретне со отпор тогаш ќе се распространи. Тој нагласи дека ЕУ ќе продолжи да ја поддржува земјата, но дека мора да се испорачаат конкретни резултати во справувањето со корупцијата, а за тоа е потребен координиран ангажман од сите.

Заменик претседателот на Владата задолжен за европски прашања, Бојан Маричиќ, во своето обраќање рече дека борбата против организираниот криминал и напредокот на патот кон ЕУ се два меѓусебно зависни процеси кои го забрзуваат процесот на интеграција.

„Политичка волја за справување со корупцијата имаме. Дека сакаме да се променат работите, сме докажале повеќе пати. Во изминатиот период, донесени се реформски закони во насока на јакнење на независноста на судството и јавното обвинителство и јакнење на механизмите за превенција и борба против корупцијата, но тоа не значи дека сме завршиле сѐ“, истакна Маричиќ, додавајќи дека владеењето на правото, независноста на судството и неселективната борба против криминалот и корупцијата остануваат стратешки приоритет на Владата.

Амбасадорот Гир ја поздрави иницијативата на вицепремиерката Грковска и нагласи дека само преку координиран процес и редовно следење на имплементацијата на реформите е можно да се постигнат.

Добар патоказ тоа во кој правец треба да се движат реформите, оцени вицепремиерката Грковска, е Извештајот за напредокот на Северна Македонија подготвен од Европската Комисија, во кој се дадени насоки во кој правец треба да се движиме во сите области, но и ни дава временска рамка од една година кога ќе може да се процени дали напредок и во кој обем е постигнат.

„Не е доволно само формално да се залагаме или само на хартија да ги исполниме стандардите на Европската Унија. Туку суштински во нашето општество да ги втемелиме вредностите на ЕУ – почитување на човековите права, демократија, владеење на правото и функционална пазарна економија. Владеењето на правото не можеме да го постигнеме доколку имаме селективна правда, доколку немаме ефикасна и неселективна борба против корупцијата, доколку имаме нефункционален систем, доколку имаме судски спогодби, одлуки полни со сомнеж и без никаква транспарентност”, додаде Грковска и нагласи дека е важно секоја институција која е дел од ланецот на антикорупциски институции за наредната година ќе мора приоритет да и биде надминување на забелешките наведени во Извештајот на Европската Комисија за 2022 година.

„Одговорноста од неуспесите веќе не смее да биде колективна. Досегашното искуство покажа дека доколку прецизно не се адресира одговорноста, невозможна е промена. Она на што мораме сите да работиме е промена на свеста. Мора да сфатиме дека ние сме тука за граѓаните и за нив работиме. Принципите на добро владеење, транспарентност, отчетност, одговорност, професионалност и ефикасност мора да бидат имплементирани во сите институции. Граѓаните мора да имаат доверба во институциите, а институциите да испорачуваат ефикасни и брзи услуги. Сето тоа ќе ги намали ризиците од корупција“, истакна Грковска.

Во рамките на затворениот дел на состанокот се разговараше за приоритетите за наредната година, при што беше нагласено дека секоја институција мора да ја зајакне имплементацијата на Стратегијата за спречување на корупцијата која за жал се движи со забавено темпо. Истовремено беше договорено дека приоритетни области на кои во наредниот период мора да се работи се особено во делот на јавните набавки, каде мора да се зајакнат индикаторите за сомнителни јавни набавки, како и во делот на вработувања во јавниот сектор.

Грковска ги задолжи сите институции во рок од десет дена до нејзиниот Кабинет да ги достават приоритетите во однос на имплементација на Извештајот од Европската Комисија за напредокот на Северна Македонија, но и во однос на Стратегијата за спречување на корупција, по што ќе следи надзор на нивната реализација.