Вучиќ од Тирана: Подобро да се биде на масата отколку на менито

Макфакс

06/12/2022

20:57

4.080

Големина на фонт

а а а

Претседателот на Србија, Александар Вучиќ, по пристигнувањето на самитот на лидерите на ЕУ за Западен Балкан во Тирана, изјави дека на овој собир присуствува не само поради неговото пријателство со Албанија туку и затоа што, како што рече, секогаш е подобро да се биде на масата кога има разговори „бидејќи кога не сте на масата, тогаш обично сте на менито, а тоа сите едвај го чекаат. Ова е добра можност да се заштитат интересите на Србија“, рече Вучиќ.

Вучиќ истакна дека по консултациите на државно ниво, сепак одлучил да дојде на самитот во Тирана бидејќи на тој начин Србија ќе има шанса да каже што мисли за преговорите со Приштина и за преговорите за влез во ЕУ.

Претседателот ова го изјави пред самитот на лидерите на Европската Унија и Западен Балкан одговарајќи на новинарско прашање „зошто, на крајот, дојде иако првин најави дека нема да присуствува“.

„Имаше неколку причини зошто се двоумевме да дојдеме. Некои беа поврзани со Косово, а други со дијалогот со ЕУ. По консултациите со државните органи, беше одлучено, сепак, да дојдеме бидејќи веруваме дека на овој начин ќе имаме шанса да кажеме нешто за она што го мислиме за дијалогот и за преговорите со ЕУ“, рече Вучиќ.

Вучиќ додаде дека Србија останува посветена на европскиот пат и на преговорите со ЕУ, но дека во исто време мора да ги заштити сопствените интереси.

Како што наведе, дошол во Тирана да ги сослуша политичарите од ЕУ и од регионот, но и да им каже што мисли бидејќи е важно Србија да добие поддршка за решавање на енергетските прашања. Тој посочува и дека за Србија е важно решавањето на телекомуникациските прашања и на роамингот.

На новинарско прашање дали Србија ќе воведе санкции кон Русија, Вучиќ одговори дека Србија е независна земја и дека знае кои се нејзините обврски кон ЕУ и што очекува ЕУ кога се во прашање санкциите, но и дека Србија дава пример со прашањето за територијалниот интегритет и дека тој беше нападнат во 1999 година.

На изјавата на новинарот дека Србија е премногу блиска со Русија, Вучиќ одговори дека Србија е независна земја.

„Лесно е да се изнесат лажни и измислени обвиненија против Србија. Само да ви кажам, верувам дека сите прочитавте пред 9-10 месеци дека Србија ќе ги напаѓа земјите во регионот по наредба на Русија за да предизвика дополнителни несигурности и нестабилност во регионот. И сето тоа го оспоривме не само со зборови туку и со нашите постапки. Но, на крајот, вистината ќе излезе на виделина, а тоа е дека Србија е независна земја на европскиот пат и ќе остане таму“, заклучи Вучиќ.



Спонзорирани линкови

Маркетинг