Трамп: Ако ме убијат, се надевам дека Америка ќе го избрише Иран од лицето на Земјата

Макфакс

26/07/2024

08:45

4.915

Големина на фонт

а а а

За време на неговиот говор во американскиот Конгрес, израелскиот премиер Бенјамин Нетанјаху го спомна наводниот ирански заговор за убиство на поранешниот американски претседател Доналд Трамп. На Трамп не му требаше многу време да се огласи на својата социјална мрежа Truth Social.

„Ако го убијат претседателот Трамп, што е секогаш можност, се надевам дека Америка ќе го избрише Иран од лицето на Земјата. Ако тоа не се случи, американските лидери ќе се сметаат за кукавици“, напиша Трамп споделувајќи дел од говорот на Нетанјаху.

Американските медиуми минатата недела објавија дека американската тајна служба го зајакнала обезбедувањето на Трамп пред неколку недели откако властите дознале за наводен ирански заговор за негово убиство. Сепак, наводниот ирански заговор не беше поврзан со неодамнешниот обид за атентат кога 20-годишен Американец пукаше во Трамп за време на предизборен митинг.

Си-Ен-Ен напиша дека американските власти добиле разузнавачки информации за планот на Техеран против поранешниот претседател, поради што е зајакната заштитата на Трамп. За заговорот објавија и други американски медиуми, пренесува France24.


Односите меѓу Вашингтон и Иран долго време беа затегнати и достигнаа точка на прекин, бидејќи Техеран се обиде да се одмазди во 2020 година за убиството на командантот на Револуционерната гарда Касем Сулејмани, наредено од Трамп додека тој беше во Белата куќа.

Советот за национална безбедност на САД објави дека „со години ги следи иранските закани против поранешните функционери на администрацијата на Трамп“. Објавата на Трамп потсети на контроверзната епизода во 2019 година кога како претседател се закани дека ќе го „збрише“ Иран доколку земјата нападне „нешто американско“.



Спонзорирани линкови

Маркетинг